Во кочанско привршува пролетната сеидба

Поволните климатски услови овозможија пролетната сеидба во кочанско да се реализира според утврдената динамика. Од планираните 5.534 хектари под житни култури пролетва се реализирани 3.419 хектари.

Пченицата, јачменот, ржта, овесот и пченката се насеани на планираните површини, а отстапувања има кај оризовата култура каде што се насеани 2.285 хектари. Останува во наредните денови да бидат насеани уште 525 хектари од планираните 2.800 хектари под ориз.

– Намалувањето на површините под ориз го направивме поради немањето доволно вода во акумулацијата Калиманци на стартот на сеидбата. Сега состојбата е променета, но тоа не значи дека треба да се зголемат површините кои наместо со ориз веќе се насеани со други пролетни култури, изјави Влатко Минов, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарстви и водостопанство во Кочани.

Со градинарски култури во Кочанско пролетва се насеани 1.225 хектари, а со фуражни 680 хектари, што е за 200 хектари помалку кај градинарските, а за 70 хектари повеќе кај фуражните култури.

Од Подрачната единица на Министерството информираат дека до промена на сеидбените планови дошло поради замената на одделни полиња за сеидба со други култури наместо со ориз.

Извор: МИА