За истражувања и развој во државава во просек годишно се трошат по околу 22 евра по глава на жител. Најмногу за истражувања во здравството и образованието, а најмалку за одбрана и енергија.
Според податоците од Државниот завод за статистика во 2020 година вкупно за истражувања и развој во државава биле издвоени 2 494 023 000 денари или 40 553 219 евра. Од нив, најголемиот дел – 63,5 проценти се од секторот за високо образование, по што следат деловниот сектор – 25,6 отсто, државниот сектор – 9,6 проценти и само 1,1 проценти во приватниот непрофитен сектор.
Најголем дел од средствата за истражување и развој во секторот за високо образование или половината се од Министерството за образование и наука (МОН), додека кај деловниот сектор над 80 проценти се од сопствени средства. Над 98 проценти од средствата за истражување и развој во приватниот непрофитен сектор се приходи од странство.
Интересно е дека иако само една четвртина од вкупните средства за истражувања и развој се во деловниот сектор, сепак тука се направени над 40 проценти од истражувањата или 410 од вкупно 1 017 завршени и незавршени истражувачки проекти во 2020 година. За споредба, во секторот високо образование се слеани речиси две третини од вкупните средства, но има само 451 проект или нешто околу 4 проценти повеќе проекти од деловниот сектор.
Најмногу пари за истражувања во здравството – над 40 проценти, за земјоделство – 2,5 проценти, додека за одбрана – 0,25 проценти
Гледано по социоекономската цел и секторот на извршување, според податоците од Државниот завод за статистика, најмногу од средствата или 42 проценти одат за секторот здравство.
За образование – 24 проценти, за општи унапредувања на знаењето – 7,1 процент, за индустриско производство и технологија – 6,9 проценти, за култура и рекреација, религија и медиуми – 4,1 процент, за земјоделство – 2,5 проценти, за политички и социјални системи, структури и процеси – 2,49 проценти.
За животна средина се трошат – 2,2 проценти, за транспорт, телекомуникации и други инфраструктури – 0,5 проценти, за одбрана – 0,25 проценти и за енергија – 0,23 проценти.
Деловниот сектор најмногу истражувал во сектор здравство – над 70 проценти од вкупните средства, додека сите средства од приватниот непрофитен сектор биле наменети во полето на политички и социјални системи, структури и процеси.
Владиниот сектор, најголем дел од средствата или над 55 проценти ги наменил за истражувања во полето на општи унапредувања на знаењето. Најголем дел од средствата за секторот за високо образование – 36,5 проценти биле во областа на образованието, а 31 проценти за здравство.
Во ЕУ во просек на истражување и развој државите трошат по 229 евра по глава на жител
Според податоците на Евростат, владините буџетски распределби за истражувања и развој во ЕУ во 2020 година изнесуваат 0,77 проценти од БДП или во просек по 229,8 евра по глава на жител.
Во 2020 година, највисоки распределби имаат Луксембург (608 евра по глава на жител), Данска (519 евра по лице) и Германија (446,9 евра по глава на жител). Од друга страна, најмалку буџетски распределби за истражувања и развој имаат Романија (20,5 евра по глава на жител), Бугарија (20,9 евра по глава на жител) и Летонија (41,5 евра по лице).
Од останатите земји во регионот за кои има податоци на Евростат, Србија во 2020 година за истражувања и развој трошела по 31 евра по глава на жител, а во 2021 година 32,9 евра, Хрватска во 2020 година трошела по 96,9 евра, а во 2021 година 103 евра по глава на жител за истражувања и развој. Словенија во 2020 година за истражувања и развој потрошила 116 евра по жител, а во 2021 година по 127 евра.
Владините буџетски распределби за истражување и развој, според методологијата на Евростат, покриваат не само истражување и развој финансирано од владите, извршено во владини институции, туку и истражување и развој финансирано од владите во другите три национални сектори (деловни претпријатија, приватна непрофитна организација, високо образование), како и во странство. Податоците ги собираат националните власти користејќи податоци собрани од јавните буџети.
Вакви податоци за нашата држава нема, но на прашање од МИА колку државата троши на истражувања и развој од Министерството за образование и наука, ни одговорија дека вкупните трошоци како процент од БДП во нашата држава во 2020 година изнесуваат 0,38 проценти.
Според податоците од Државниот завод за статистика, бруто домашниот производ во 2020 година изнесувал 655 931 милион денари, што значи дека вкупните трошоци за истражување и развој во 2020 година биле 2 492 милиони денари или 40,4 милиони евра.
Ако се земат последните податоци од Пописот 2021 година дека резидентно население во земјава е 1 836 713 граѓани, тогаш пресметките покажуваат дека во државата годишно по глава на жител се трошат околу 22 евра за истражувања и развој.
Во ЕУ за истражувања во индустријата и технологијата се трошат 10 проценти, во сектор здравје – 7,8 отсто, додека за истражувања на вселената – 5,6 проценти
Во 2021 година вкупните владини буџетски распределби за истражувања и развој во ЕУ изнесуваат 109 350 милиони евра или 0,75 проценти од БДП или 244 евра по глава на жител, што е зголемување од 32,5 проценти во споредба со 2011 година кога изнесувале 184 евра по жител.
Највисоки распределби во 2021 година има во Луксембург (689 евра по лице), по што следат Данска (530 евра по лице) и Германија (470,9 евра по лице). Од друга страна, земјите од ЕУ со најниски буџетски распределби за истражување и развој по лице се Романија (19 евра по лице), Бугарија (24,1 евра по лице), Летонија (44,6 евра по лице) и Унгарија (59,8 евра по лице).
Поделено по сектори, најмногу буџетски распределби или над половината во 2021 година во ЕУ се за општо унапредување на знаењето, од кои 35,9 проценти се за истражувања и развој финансирани од општите универзитетски фондови и 17 проценти за општо унапредување на знаењето финансирано од други извори освен универзитетски фондови.
Само 10,1 процент од буџетските распределби за истражувања и развој се во областа на индустриско производство и технологија, 7,8 отсто во сектор здравје и 5,6 проценти за истражувања на вселената.
За истражувања и развој во областа на енергијата се околу 4,7 проценти од вкупно распределените буџетски средства за истражувања и наука во ЕУ, потоа 3,8 отсто се во областа одбрана, 3,2 проценти за транспорт и телекомуникации, 3 отсто за земјоделство, 2,6 проценти за животна средина, 1,9 отсто за политички и социолошки системи и процеси, 1,8 проценти за истражувања на земјата, 1,5 отсто за образование и 1,2 проценти за култура, рекреација, религија и масовни медиуми.