Колумбиското министерство за одбрана објави дека армијата ликвидирала еден од водачите на бунтовничкото двожење Армијата на националното ослободување (ELN), која Колумбија, САД и Европската унија ја ставија на листата терористички организации.
„Еден од водачите на ELN, познат како ‘Мочо Тиерa, беше ликвидиран на југот од сојузната држава Боливар. Во рамките на операцијата беа убиени уште тројца членови на оваа терористичка организација“, се наведува во соопштението на министерството за одбрана објавено на Twitter и се додава дека убиениот го водел фронтот на ELN во регионот.
Локалниот весник Tiempo пишува дека логорот на Мочо Тиера бил откриен од военото разузнавање, по што колумбиските воздухополвни сили извеле напад врз локацијата.
Како што пренесува радиото Caracol, колумбиските власти нуделе награда од 630 милиони пезоси, околу 160.000 американски долари, за информации за локацијата на бунтовникот, кој е обвинет за учество во убиства на војници и полицајци. Во 1999 година, учествувал и во грабнување на патнички авион.
Се истакнува дека тој долго време успевал да се крие благодарејќи на мрежата од подземни тунели. Според колумбиските власти, Тиера бил задолжен за контрола на илегалната трговија со дроги и нелегалните рудиници во покраината, кои на бунтовниците им носеле месечен приход од околу милион американски долари.
Армијата на националното ослободување (Ejército de Liberación Nacional – ELN) се проценува дека во моментов брои меѓу 2.500 и 3.000 борци. Оваа леворадикална терористичка организација е исто така формирана во 1964 година како и далеку помоќната Револуционерни вооружени сили на Колумбија (Fuerzas Armadas Revolucionarias de Colombia – FARC) која по повеќе од половина век склучи договор со владата во Богота. ELN e формирана од група студенти кои враќајќи се од студиите на Куба, сакале во Колумбија да го увезат револуционерниот модел на „Островот на Слободата”.
Движењето го иницира студентскиот лидер Фабио Васкез, а потоа свештеникот Камило Торез, познат универзитетски професор и поборник на еднаквоста и доследен марксист, кој критички настроен кон социјалната нерамноправност во Колумбија подоцна се приклучува како иден поборник на теологијата на ослободувањето за спроведување на идеите во практиката преку револуционерна борба. Тој загинал во својата прва борбена акција во напад врз патрола и стана симбол за организацијата, но и за други свештеници кои го следеа неговиот пример.
По бројните неуспеси и порази, во почетокот на 1970-те отецот Мануел Перез стана еден од челниците на ELN и остана на неговото чело до смртта во 1998 година. Перез се смета основоположник на конечната идеологија, којашто е мешавина од марксизам, геваризам и „теологија на ослободувањето”. Нејзина цел е да се надмине социјалната неправда, сиромаштијата и политичката нестабилност во традициите на христијанството и марксизмот со користење на методи на герилската војна. Во периодот меѓу 1973 и 1974 година на ELN ѝ беше нанесен тежок удар, но движењето сепак успеа да опстане.
И ELN учествуваше во разговорите за приклучување кон мировните преговори коишто до 1998 до 2002 година ги водеше владата на Андрес Пастрана со FARC, но владината иницијатива за формирање демилитаризирана зона во јужниот дел од провинцијата Боливар за ELN беше запрена под притисокот на ултрадесничарската паравојска Обединета самоодбрана на Колумбија (AUC).