Чисти и безобразни 18.048.000 (осумнаесет милиони и 48 илјади денари) денари без данок кон државата – ова е неверојатната сума на потрошени, расфрлени народни пари само за пропаганда и патетичен владин пи-ар за Заев во минатата година за армија од 55 „хонорарни“ соработници, пишува Курир.
Во време кога немаше пари за заштита на медицинарите, полицијата и војската, владата без усул трошела на педесет и пет хонорарци за пропаганда. За вакцини немаше пари, но за пропаганда немало проблем да се трошат милиони денари. Пропаганда евтина по сроченото и ефектот, но прескапа и преплатена според сумите плаќани за неа.
На страна се и владините редовно платени служби за оваа намена (десетици лица), со кои пи-арот на Заевци достигнува уште побаснословни суми. Со хонорарите, Заев директно потплатил 55 семејства со по 30-на илјади денари месечно за да му одработуват и гласаат. Друг ефект од „сработеното“ на хонорарците нема. На страна што и секое министерство има свој пи-ар, а најголем е тимот на Филипче. Во превод, сумата на се заедно потрошено за пропаганда минува половина милион евра!
Неофицијално, од наши извори, најголемиот дел од овие луѓе не се ни појавувале на работа, туку оддома (на компјутер, кога можеле) си ги одработувале солените хонорари. Дел, не ги ни одработувале, туку едноставно, си добивале награда за минат труд за Социјадемократите од Северна (Амон Мрак и редица други фиктивни „хонорарци“).
Во превод, Заев потрошил над 300.000 евра за хонорари за само 55 лица и пи-ар, затоа што со данокот кон државата ова станува сума од над неверојатни 20 милиони денари.
Единствена намена на овие 55 платеници/хонорарци била да прават демек анализи на информации и пи-ар на владата, со што на државата реално и помогнале нула насто. Нивната задача била, реално, постојано да пуштаат дезинформации (соц-мрежни ботови) и нон-стоп да прават фингирана атмосфера по „нарачка“ по истите социјални мрежи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и др.), како и да создаваат лажна слика за „успесите“ на најнеуспешната влада во историјата на Македонија, а во најголема мера – да ги минимизираат неуспесите, мега-скандалите и аферите во кои секојдневно запаѓа оваа криминогено-антимакедонска влада. И самите велат, дека се’ е до „перцепцијата“, нели…
Сумите се огромни и движат од неверојатни 60.000 месечно па надолу, а просекот на „добивката“ по човек или бот е околу 30-на илјади денари месечно по лице, плата која ден-денеска за многумина е научна фантастика во Македонија, но која очигледно во Северна на Заев е сосема добра цифра за обичен хонорар на новопечени ликови во професијата, партијски хонорарци за кои во новинарските кругови никој, никогаш и никаде не чул. А поверојатно, нема ни да слушне.