Во Косово невработени 31,4 отсто од работоспособното население

Според податоците на косовската Агенција за статистика, во Косово во моментов има 159.684 невработени, што претставува 31,4 отсто од работоспособното население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Нивото на невработеност, според официјалните податоци, е повисоко кај жените одошто кај мажите.

Весникот „Коха Диторе“ пишува денеска дека нивото на невработеност во последното тримесечје од 2018 година е зголемено за 0,8 отсто во однос на последниот квартал од 2017 година.

Весникот ги пренесува и наводите од извештајот „Трендовите на пазарот на труд во Западен Балкан 2019“, изготвен од Светската банка и Институт за меѓународни економски студии од Виена, според кој. Косово има највисоко ниво на невработеност во регионот.

Во извештајот се вели и дека перформансите на пазарот на труд во Западен Балкан продолжуваат да се подобруваат, иако со намален ритам во однос на претходната година и со сиот зголемен економски раст во регионот.