Генералштабот на Армијата на Република Македонија со жалење и длабоко сочувство кон фамилијата, ја извести јавноста дека денес (7ми јануари), во вечерните часови, (околу 18.15 часот), во болница во Приштина, Косово, ненадејно почина професионален војник со иницијали И.Ч на 44 годишна возраст, кој беше во состав на контингентот на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР.
На професионалниот војник кој извршуваше должности во водот за обезбедување во командата на КФОР-запад во Пеќ, во текот на попладневните часови видно му се слошило по што веднаш откако бил приметен од присутните е пристапено кон пружање прва помош од страна на надлежната санитетска служба во состав на контингентот, објавија од Генералштабот.
Веднаш со воен хеликоптер во придружба на воен медицински персонал бил упатен кон најблиската здравствена установа, во случајот болница во Приштина, каде по пристигнувањето од страна на персоналот се пристапило кон реанимација, но по кратко време се констатирала смрт за која како причина по првичните наоди е најверојатно од срцев удар.
Од страна на Генералштабот по добивање на првичните информации со преземање на сите потребни процедури, трагичната вест е соопштена на неговите најблиски и во моментот во координација со сите надлежни институции се преземаат сите неопходни мерки за пренесување на посмртните останки на нашиот припадник во неговото место на живеење.
По пристигањето на телото на нашиот починат мировник, погребот ќе биде со сите воени почести а во координација со неговата фамилија во време и место кое ќе биде одредено.