Четворица мажи од српска националност се уапсени доцна синоќа во северниот дел на Косовска Митровица, соопшти полицијата, а причина за тоа биле навреда и напад врз двајца полицајци. Инцидентот се случил околу еден час по полноќ.
Полицијата тврди и дека тројца од нив биле под дејство на алкохол и затоа синоќа не биле во можност да дадат изјава.
Петрит Фејза од косовската полиција за северниот регион, за Коснет изјави дека младите момчиња на градското шеталиште прво навредувале, а потоа нападнале двајца полицајци, по што си заминале.
Еден од полицајците, тврдат од полицијата, се здобил со телесни повреди. Од ноќеска на интернет кружат видеа од апсењето, а некои граѓани тврдат дека овие млади момчиња биле тепани пред и за време на апсењето.
Косовската полицијата негира дека имало примена на сила, но нагласува дека таа има право да употреби сила доколку лицето кое е предмет на апсење даде отпор или бега.
Уапсените млади момчиња во моментов се наоѓаат во станицата во Јужна Митровица. Фејза вели дека таму било констатирано дека тројцата биле под дејство на алкохол, и дека им е одреден притвор до 48 часа.
-Бидејќи биле под дејство на алкохол, синоќа не можеа да дадат изјава. Затоа тие се приведени, па нивните изјави за овој настан ќе бидат земени денеска. После тоа ќе се одлучи што понатаму, изјави Фејза за Коснет.
Српската владина канцеларија за Косово и Метохија денеска соопшти дека апсењето и тепањето на тројца Срби во Косовска Митровица ја одразува антисрпската политика на косовскиот премиер Албин Курти и тортурата што секој ден ја трпат и ја доживуваат Србите на северот на Косово, пред очите на целата меѓународна заедница.
„Постојат недвосмислени докази за тоа – снимени болни сцени во кои се гледаат полицајците на Курти како фрлаат српски млади момчиња на земја и ги тепаат и влечат 10 минути, додека тие викаат, а потоа ги приведуваат со вперени долги цевки“, се наведува во соопштението на Канцеларијата.
Оттаму наведуваат дека бил приведен и „Србинот кој го снимал мачењето“ за да се отстранат трагите и доказите за полициската бруталност, „кои, за среќа, биле зачувани“.
„Посебно загрижува тоа што на родителите не им беше дозволено да ги видат децата, ниту пак српскиот медицински тим да ги посети и да ги прегледа, со оглед на тоа што младите беа жртви на докажана полициска бруталност“, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија.