Во критична состојба е родилката која се обиде да се самоубие, бебето е во добра состојба

Триесет и девет годишната родилка која синоќа се обиде да си го одземе животот фрлајќи се од првиот кат на Клиниката за гинекологија, е во многу критична состојба и е на интензивна нега, информира денеска директорката на ГАК, д-р Викторија Јовановска.

Таа на прес–конференција пред Клиниката истакна дека пациентката во два навратa се пожалила на вознемиреност, но тоа не било прва појава кај неа.

-За жал, пациентката е во многу критична состјба, зборував и со директорката на КАРИЛ. Пациентката не сакала да го дои бебето, била лесно вознемирена, но тоа не е првпат да се случува. Зборувавме со директорот на психијатрија, лекар од таму да доаѓа еднаш неделно и да разговара со мајките, но не знам како ќе го прифатат тоа пациентките. Многу пати тие се навредени кога им велиме да разговараат со психолог, изјави д-р Јовановска, додавајќи дека бебето е во добра состојба.
Додаде дека по немилиот настан, било разговарано за затворање на прозорците, но посочи дека тоа би предизвикало контраефект.

-Секаде во светот познат е податокот дека една од десет породени пациентки има мало психолошко пореметување, но никаде прозорците не се забарикадирани. Не можеме да ги чуваме пациентките како затвореници, тие треба да се чувствуваат подобро после породување, истакна таа.

Родилката била донесена во 36-та недела од бременоста. Било констатирано дека се работи за предвремено одлепување на постелката што ги загрозувало животите и на мајката и на детето и затоа била однесена во породилна сала и за 14 минути била породена со царски рез.

Пациентката во петокот и вчера се пожалила на вознемиреност и извршен бил разговор со клинички психолог. Ноќта околу 21:30 часот таа преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат.