Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето „Софтвери“ во кое поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, заедно со уште шест лица се терети за нелегалната набавка на софтвер.
Обвинителството на денешното рочиште продолжи со изведување на докази во кои образложи дел од комуникацијта меѓу обвинетите која се однесува на набавката на софтверот, а започна и со испрашување на сведокот Александар Пејчиновски.
На денешното рочиште, исто така, Народниот правобранител побара имотно побарување од обвинетите во износ од 18 794 137 денари.
Судскиот процес за случајот „Софтвери“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од Кривичниот Законик.