Во судир на мигранти во населбата Жегар во Бихаќ, убиени се две лица, а 18 се повредени, потврди утрово Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон.
Сите повредени во масовниот судир на мигранти се згрижени во Кантоналската болница во Бихаќ.
Регионалната телевизија N2 објави дека синоќа во 22:15 часот, една локална жителка во полициската станица во Бихаќ пријавила дека имало конфликт меѓу мигранти.
По пријавата, полициските патроли биле испратени на лице место.
Полицијата потврди дека се судриле Авганистанци и Пакистанци, дека две лица загинале, десет се тешко повредени, а осум се полесно повредени.
Според Пакистанците, Авганистанците ги нападнале, по што побегнале кон Пљешевица.
За се е известен обвинител, и во тек е потрага по убијците.