Во лавини во Австрија загинаа осум лица

Во три одделни лавини во северна Австрија во петокот и во саботата животите ги загубиле осум вљубеници во снежните спортови, објавија во саботата официјални извори.

Четворица Швеѓани и нивниот локален водич загинале во петокот во покраината Тирол, во регионот Спис на границата со Швајцарија. Шведските државјани се движеле надвор од патеката во придружба на планинарски водич кога над нив започнала да се урива 400 метри широка снежна лавина.

Еден член од групата снегот само делумно го затрупал, па успеал со мобилниот телефон да повика пријател во Шведска. Тој пријател по неговото јавување повикал лице коешто, исто така, патувало со групата, но тој ден не се придружило на прошетката. Веднаш биле известени спасувачките служби и 42-годишниот Швеѓанец преживеал.

Властите во саботата објавија дека во петокот во лавина смртно настрадало уште едно лице на планината Кнеделкопф во покраината Ворарлберг. Снегот го затрупал мажот додека со група се движел надвор од одбележаните планински патеки. Иако другите од групата брзо го извлекле од снегот и веднаш започнале со реанимација, мажот починал. Полицијата сѐ уште не извести за идентитетот на загинатиот.

Во третиот налет на лавина загинале две лица на возраст од 60 и 61 година. Пронајдени биле мртви малку по полноќ во тиролското место Вилдшенау.

Според австрискиот систем за предупредување од лавини, во многу планински области на земјата постои голема опасност од лавина. На табелата на ризиците од пет нивоа, сите споменати региони се на третиот степен според опасноста. Поради новонаврнатиот снег во четвртокот и петокот, само во Тирол се евидентирани повеќе десетици лавини, објави австрискиот центар за предупредувања.