Грандиозниот „Live Aid“, трансатлантскиот концерт кој собра милиони за помош во кризата со глад во Етиопија пред 40 години, станува сценски мјузикл кој ќе биде премиерно изведен на лондонскиот „The Old Vic“ следната година, објави театарот во понеделникот.
„Live Aid“, организиран пред речиси четири децении од Боб Гелдоф и Џејмс Миџ Јур, го гледаа речиси 1,5 милијарди луѓе. „Ако мјузиклот инспирира само една личност позитивно да влијае на другите, тогаш ова ќе биде добра зделка“, рече Гелдоф, според соопштението објавено на веб-страницата на театарот.
Музичарот вели и дека следел како напредува продукцијата. „Со нетрпение очекувам да го гледам… подобро да не биде срање!“, рече тој.
Делото „Јust For One Day“, кое го напишал Џон О’Фарел и во режија на Лук Шепард, ќе биде прикажувана од 26-ти јануари до 30-ти март 2024 година. Театарот објави дека продукцијата е лиценцирана од хуманитарниот фонд „Band Aid“, кој ќе добие 10 проценти од продажбата на билети.
„За оние кои живееле во 80-те, сигурен сум дека саботата на 13-ти јули 1985 година е еден од оние денови што засекогаш остануваат во нивното сеќавање. Сите ние се сеќаваме каде го видовме Live Aid, со кого го видовме и големото задоволство од она што го видовме“, рече уметничкиот директор на „The Old Vic“, Метју Варчус.
Во шоуто ќе бидат изведени песни од Боб Дилан, Дејвид Боуви, Пол Макартни, Елтон Џон, Квин и други кои настапија на концертот одржан истовремено на стадионот „Вембли“ во Лондон и на стадионот „Џон Ф. Кенеди“ во Филаделфија.
Настанот беше организиран една година откако Гелдоф и Јур го снимија синглот „Do They Know It’s Christmas?“ со Band Aid, групата составена од поп-ѕвезди, со цел да се соберат пари за гладните во Етиопија.