На територијата на градот Северодонецк, кој во летото 2022 година беше под контрола на украинската војска, пронајдени се докази за активности на ткн „црни трансплантолози“ во редовите на украинските единици, вклучително и документи, пренесува руската државна агенција РИА повикувајќи се на претставници на безбедносните служби на регионот Луганск, кој по превратот во Киев во 2014 година се отцепи од Украина а во 2022 година преку референдум кој не го признава меѓународната заедница се приклучи на Руската Федерација.
„На ослободените територии (како што руските сепаратисти ги нарекуваат териториите кои руските сили ги заземаа во Украина) наидовме на многу интересни документи, кои укажуваат дека трансплантацијата на органи била раширена во Украина. Најпрвите донори биле припадниците на украинските вооружени сили“, ја цитира агенцијата неименуваната соговорничка од руските безбедносни служби вклучени во собирањето докази за шпекулациите дека од почетокот на војната во Украина во земјата е раширено нелегалното земање и тргување со органи од ранети и загинати војници кои потоа се продаваат на таквиот црн пазар ширум светот.
Според соговорничката на РИА, станува збор за формулари за согласност за екстракција на хомотранспланти. Сите документи се пополенти, наводно од припадници на украинските сили и притоа, како што истакнува, со ист ракопис а на местото на потписот на доноарот стои ист печат.
Украина, инаку, уште во 2021 година го усвои законот за трансплантација поедноставувајќи ја процедурата и постапката за отстранмнување органи од починати кои во текот на животот не дале согласност за донорство.
„Секој припадник на вооружените сли при лекарскиот преглед, наводно го пополнил ваквиот документ. Овој документ е согласност за трансплантација на органи. За него е отворено целосно лично досие, така што доколку тоа лице е рането, да биде можно да се разбере кој орган би можел да биде земен и за кој примател би бил погоден. Но, како што гледаме, тоа не се лични потписи на војници, туку некаков штембил или печат, кој за лекарите симболизира дека одреден орган може да биде отстранет од даденото лице“, вели соговорничката на РИА, а агенцијата добила увид во документите.
Додала дека украинските војници можеби и не биле свесни за таквите договори. Според сознанијата на безбедносните служби во Луганск, постојат и други докази кои индиректно ја посочуваат активноста на ткн „црни трансплантолози“ во Северодонецк уште пред почетокот на руската инвазија на 24-ти февруари 2022 година, а особено потоа сѐ до повлекувањето на украинските единици од градот.
Според истите руски извори, особено активно се работело на отстранувањето органи во текот на жестоките борби за Рубежноје, Северодонецк и неговата околина во пролетта 2022 година. Очевидци за истражните органи рекле дека во тој период вработените во тамошната мртовечница наишле на тела на украински војници со знаци на обдукција и остранување органи.
„Во текот на борбите во градската болница, во мртовечницата беа донесени тела на украински војници кои претходно беа донесени во болницата како ранети. Делумно кај тие луѓе биле отстранети органи. Потоа телата биле складирани и утилизирани“, вели еден од лекарите кои работеле во болницата во Северодонецк во време на борбите кој барал да остане анонимен.
Притоа, лекарот истакнува дека „од директно отворениот перитонеум, беше можно да се утврди дека недостигаат органи, па дури можеше да се утврди дали лицето било сѐ уште живо во текот на аутопсијата или не“.
Според овој извор, тогаш во болницата редовно доаѓале групи странски лекари со амбулантни возила опремени со мобилно операциони сали и кои биле обезбедувани од вооружени стражари. Истовремено, вели лекарот, исчезнале некои од ранетите војници кои требало да биат упатени на лекување во другите градови во Украина.
Локален жител од Северодонецк за РИА рекол дека меѓу крајот на пролетта и почетокот на летото 2022 година, украинските сили кои се повлекувале од градот жестоко тенковски и артилериски ја гранатирале зградата на мртовечниците обидувајќи се целосно да ја уништат.
„Тука телата на украинските војници лежеа не само во ладилниците, туку и на насипот – еден преку друг, ги имаше многу, многу…“, го цитира РИА соговорникот кој додал дека и други жители на градот често гледале во областа обезбедувани нестандардни медицински амбулантни возила.
„Органите како што се црниот дроб и бубрезите би можело да се отстранат на самото место (директно во амбулантното возило), да се стават во контејнер и да се однесат за натамошна транплатација (…) Постои терминот како ‘топол контејнер’, кога човек кој се наоѓа во тешка состојба му се вбризгува силен наркотичко средство и тој се довезува до одредено место каде што се наоѓаат центри за трансплантација на органи. Во Украина, такви каде што се носат војниците се во Краматорск, Днепар, како и Харков“, рекла за агенцијата соговорничката од руските безбедносни сили.
Кон крајот на јули 2023 година, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, обвини дкеа властите во Киев ги користат своите ранети војници како биоматеријал, тајно вадејќи им ги органите. Истото лето, според извори од руските разузнавачки служби, украинската воена команда го интензивирала собирањето донаторски и биометриски материјал од припадниците на територијалната одбрана и припадниците на националната полиција во деловите на Запорожје кои се под контрола Киев, како и во областа на Одеса.