По повеќе од една седмица одбележана со настани, концерти и паради на кои се присуствувале стотина илјади луѓе, мадридската Светска парада на гордоста, последното издание на најголемиот ЛГБТ фестивал на светот, заврши во неделата.
Светската парада на гордоста се одржува од 2000 година на секои неколку години во поголемите градови во светот за да се промовираат правата на лезбејските, геј, бисексуалните и трансполовите заедници.
Мадрид во изминатите десетина дена беше местото на разни настани, од конференции за човековите права, до трка на којашто мажите на централната улица трчаа во високи потпетици.
Мадридскиот прајд се совпадна со 40-годишнината од првиот ЛГБТ протест во овој град.
На завршната церемонија која се одржа во неделата посетителите се собраа за да присуствуваат на концертите на музичари од целиот свет, вклучително и градовите кои претходно беа домаќини на овој настан, како Ерусалим, Торонто и Лондон.
Следната Светска парада на гордоста ќе се одржи во 2019 година во Њујорк, со што ќе се одбележи и 50-годишнината од Стонволските безредија на кои геј заедницата протестираше против насилното однесување на полицијата.