Во Македонија албанскиот јазик не е под закана, смета Курти

Во С Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците. Ова денеска на прес-конференција по заедничката меѓувладина седница со македонската и косовската влада го рече косовскиот премиер Албин Курти одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во С Македонија, нешто што го побара Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што очекуваат од владите на Косово и Албанија да го заштитат албанскиот јазик.

„Ова прашање е на Уставниот суд во С Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени“, рече Курти.

Смета дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд во Македонија, кој, според косовскиот премиер, нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.

„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во С Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина“, вели косовскиот премиер.

Курти посакува добри меѓусоседски односи со С Македонија и добра соработка, но додаде дека има други органи, исто како и кај нив, што ги носат овие одлуки.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на истото прашање, посочи дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани судии во време кога на власт беа Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција по заедничката меѓувладината седница во Приштина

„Навистина не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание и сме можеби семоќни и ги контролираме сите политички партии во Македонија, што не е така. Сите треба да знаат дека од првиот со последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ-ДУИ“, вели тој.

Но, зошто токму сега се актуализира ова прашање, Мицкоски вели дека тоа го прават сите оние политичари што се темни сенки од минатото, што не можат да се слушнат да говорат за предлози и реформи во економијата, даночниот систем, образованието, туку единствената карта на која ја темелат децениската кариера е криминал и корупција и етнички конфликти.

„Ние велиме сега ќе ја растуриме таа магла и ќе гледаме јасно во иднината и во процесот на реформи, борба против криминалот и корупцијата. Тоа не нашата визија. Ние како владина коалиција имаме речиси двотретинско мнозинство во парламентот и имаме силен легитимитет од гласачите. Досега за помалку од пет месеци направивме такви чекори што некои други влади можеби ни со децении не успеале ни да помислат, а не да направат“, кажа премиерот.

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, пред неколку дена рече дека очекува од сите политички партии на Албанците во земјава, но и од партиите во Косово да го заштитат албанскиот јазик.

„Очекуваме на заедничка средба со владата на РС Македонија, владата на Р Косово да го покрене прашањето за албанскиот јазик. Очекуваме и реакција од сите партии во Косово. Ова прашање не засега сите“, рече тој.

Пред неполн месец тој испрати писмо до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд, од кои едната е укинувањето на т.н. „балансер“, а другата во најава дека ќе бидат укинати делови од Законот за употреба на јазиците.