Повеќе од третина од децата на возраст од шест до осум години кои одат во второ одделение во државава имаат зголемена телесна тежина или дебелина. Од нив поголемиот број живеат надвор од Скопскиот регион. Сепак, во изминатите неколку години е регистрирана стагнација на бројот на деца со зголемена телесна тежина или дебелина во државава. Докторите препорачуваат дека здравиот начин на исхрана и физичката активност од еден час дневно се клучни децата да имаат нормална телесна тежина.
Доктор Игор Спироски од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за МИА изјави дека, според нивни податоци, во 2016 година 36,1 отсто од сите деца од второ одделение (на возраст од шест до осум години) имале зголемена телесна тежина или дебелина, во 2017 година – 37,4 отсто, а во 2018 година – 36,9 отсто. Во 2016 година 17,9 отсто од децата на таа возраст биле дебели, во 2017 година – 16,9 отсто, а во 2018 година – 18,6 отсто.
Според податоците на Европската иницијатива на Светската здравствена организација, СЗО, за следење на дебелината кај децата, од 2016 година, со која биле опфатени 40 земји, Македонија го зазема 10-тото место.
Тој посочи дека ИЈЗ континуирано го мери бројот или стручно кажано преваленцата на децата со зголемена тежина телесна и дебелина и тоа на различни возрасни групи, а таа што ја сметаат за најрелевантна е возрасната група од седум години или од второ одделение деца, бидејќи со неа учествуваат во иницијативата за следење на дебелината кај децата на СЗО, која се прави секои три години.
– Податоците од последните три круга, значи од последните девет години покажуваат дека преваленцата на деца кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели е во стагнација, што значи не опаѓа и не расте. Не треба да бидеме задоволни со тоа, бидејќи кога ќе споредиме каде сме со другите држави во Европа што учествуваат во иницијативата, а тоа е и идејата на иницијативата да бидат споредливи податоците, ќе видиме дека сме во горниот дел на табелата, што ги рангира земјите од Европа кои имаат таков проблем кај оваа популација, рече д-р Спироски.
Според податоците од ИЈЗ, појасни тој, во 2016 година 32,9 отсто од женските деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 33,2 процента, а во 2018 година – 33 проценти. Во 2016 година 15,2 отсто од женските деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 13,1 отсто, а во 2018 година – 14,9 отсто.
Во 2016 година 39,4 отсто од машките деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 41,1 отсто, во 2018 година – 40,8 отсто. Во 2016 година 20,5 отсто од машките деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 20,2 отсто, а во 2018 – 22,2 отсто. Значи, кај машките деца има мало зголемување, а кај женските мало намалување на процентот.
– Поентата е дека има стагнација, но пак ќе речам, ние не треба да бидеме со тоа задоволни. Причините за зголемена телесна тежина и дебелина кај децата се начинот на живот, немањето доволно физичка активност, начинот на исхрана… Добро ги знаеме придобивките од здравиот начин на исхрана и од редовната физичка активност, вели д-р Спироски.
Тој им препорачува на родителите да ги советуваат своите деца согласно препораките за здрава исхрана.
– Физичката активност исто така треба да се комбинира со исхраната. Децата минимум еден час во текот на денот треба да бидат физички активни, од средно до високо ниво на физичка активност, а возрасните до 30 минути да бидат активни пет дена во неделата. Тоа се генералните препораки, додаде д-р Спироски.
Според податоците од СЗО, на глобално ниво во 2016 година бројот на деца со прекумерна тежина под пет години се проценува на над 41 милион. Речиси половина од децата со прекумерна тежина до пет години живееле во Азија, а една четвртина во Африка.
– Децата со прекумерна телесна тежина и дебелина најверојатно ќе останат дебели во зрелоста и со поголема веројатност ќе развијат незаразни болести, како што се дијабетес и кардиоваскуларни заболувања на помлада возраст. Прекумерната телесна тежина и дебелината, како и нивните сродни заболувања, во голема мера може да се спречат, стои во извештајот на СЗО.
Се проценува дека во светот има повеќе од 150 милиони деца со прекумерна телесна тежина и доколку не се преземат неопходните мерки на претпазливост, бројот ќе се зголеми на 250 милиони до 2030 година.
Според препораките на СЗО, здравиот начин на исхрана вклучува ограничување на внесот на енергија од вкупните масти и шеќери, зголемување на потрошувачката на овошје и зеленчук, како и мешунки, интегрални житарки и ореви и редовна физичка активност (60 минути на ден за деца и 150 минути распоредени во текот на неделата за возрасни).