Во Македонија за девет месеци се слеале 838 милиони евра странски инвестиции

Странските директни инвестиции (СДИ) во Македонија во периодот јануари – септември 2024 достигнале 838,2 милиони евра, што е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година и рекорд во последниве дваесет години.

Доколку приливот на странски инвестиции продолжи со истото темпо, голема е шансата Македонија првпат во историјата да оствари над милијарда евра странски директни инвестиции во текот на една година.

Податоците на Народната банка откриваат дека само во третиот квартал од годинава, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигнал 281,6 милиони евра. Од таму информираа дека во овој период имало зголемени нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг (219,5 милиони евра), сопственичкиот капитал (39,9 милиони евра) и реинвестираната добивка (22,2 милиона евра).