Министерство за здравство ги отфрли во неделатата, како што наведува, инсинуациите и шпекулациите наведени во текстот објавен во саботата вечерта на 1ТВ под наслов „1ТВ дознава: Западнонилската треска пристигна во земјава“, дека случај на западнонилска треска е откриен на инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“ во Скопје.
„Кај ниту еден пациент во Република Македонија не е потврдено присуството на вирусот на западно-нилска треска. Пациентот, којшто се издвојува во прилогот на 1ТВ, бил примен во Градската општа болница „8 Септември“ со симптоми на грип и висока температура. Но, испитувањата докажале дека не станува збор за западно-нилска треска. Истакнуваме дека ова е случај стар три недели и пациентот во меѓувреме е пуштен дома, без компликации по неговото здравје“, се наведува во објавата на Министерството за здравство.
Истовремено, се истакнува дека министерството „во ниту еден момент“ немало намера да прикри какви било информации, како и дека новинарката на споменатата телевизија изминативе неколку седмици била во постојан контакт со министерството.
На крајот, ги уверуваат граѓаните дека министерството во континуитет ја следи состојбата, за евентуалната појава на вирусот на западно–нилска треска, но и за евентуална појава на други вируси.
„Со прилогот којшто беше емитуван на телевизијата 1ТВ, се создава неоснована паника и страв кај граѓаните. Вчеравечер, испративме реакција до медиумот 1ТВ, меѓутоа воопшто не е пренесена оваа реакција на тој медиум“, заклучуваа од Министерството за здравство