Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) открила дека во Македонија се увезени два генетски модифицирани производа, ориз и соини шницли и трошки без да бидат декларирани.
И кај пченка за пуканки биле утврдени генетски модификации, но само со првичната анализа. Втората, суперанализа, направена во референтна лабораторија, била негативна. Покажала дека пченката не е генетски модифицирана.
Како што изјави за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов, контролите се спроведени во мај годинава, а некои од анализите сè уште се вршат.
Пченката за пуканки е од Аргентина, соините шницли и трошки се од Србија, а оризот е произведен од увезено генетски модифицирано семе. Сите се најдени во магацини на оператори со храна и не биле пуштени во малопродажба, освен дел од соините трошки и шницли кои се веќе повлечени и се под официјален надзор.
„Со новите програми и системот на контроли утврдивме дека се пуштени три производи со присуство на ГМО, а не биле декларирани. Ги најдовме во продажба при спроведување на редовните контроли за безбедност на храна. За мострите земени од соините трошки (1.320 пакувања од по 200 грама) и соините шницли (1.270 пакувања по 200 грама), првичниот резултат е позитивен. Се чека резултатот од втората анализа што се прави во референтна лабораторија. Производите се увезени од соседна Србија. До добивање на резултатот, целата количина од соини шницли и трошки од истиот лот што се наоѓал во магацинот на операторот, е ставена под официјален надзор, а остатокот што бил пуштен во промет е повлечен. Позитивен на ГМО е наодот за земената мостра ориз за која операторот не побарал суперанализа“, објаснува Атанасов.
Во врска со оризот, директорот информира дека станува збор за 550 килограми.
„Оризот е произведен од увозно семе и најден во магацин на операторот. Ставен е под официјален надзор и ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице“, вели Атанасов.
Македонија се уште не дозволува увоз на храна со ГМО или генетски модифицирани производи.
На прашањето дали јадеме безбедна храна, Атанасов е дециден – потрошувачите треба да бидат сигурни во тоа.
„Македонија консумира безбедна храна. Тоа го потврдува и фактот дека од август минатата година до денес се пријавени само три алиментарни токсикации (труења со храна). Тоа се случаите „Седмица“, „Леар“ и последниот, со свадбарите во Штип. Би сакал заштитата да биде стопроцентна, но според законот, одговорноста за безбедноста на производите ја сносат операторите. Агенцијата е контролен механизам за тоа дали тие ги исполнуваат пропишаните критериуми и стандарди“, потенцира директорот.