Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска одржа состанок со сообраќајната полиција со цел да се информира за текот на проектот „Пријавете сообраќајна контрола“.
Со раквоството на СВР Скопје разговарале околу состојбите во сообраќајот и ги сумирале резултатите од проектот кој беше промовиран на крајот на јули 2014 година.
Целта на пректот „Пријавете сообраќајна контрола“ е поголема соработка помеѓу граѓаните и полицијата како и подобрување на сообраќајот.
„Правата констатација во однос на имплементацијата на овој проект е дека проектот одлично функционира. Граѓаните се однесуваат многу совесно, во смисла на пројавување на оние состојби кои навистина претставуваат проблем во одредени подрачја. Можам да кажам дека од промоцијата на проектот до нас се пристигнати 120 предлози од граѓани и при тоа се изречени 115 покани за наплата на глоба, 68 платни налози, 9 предупредувања, 2 возила се подигнати со пајак и едно возило е исклучено од сообраќај“, истакна Јанкулоска.
Ова, како што истакна таа претставува показател дека граѓаните на многу сериозен начин пристапиле, добро ги идентификувале проблемите и со брзата комуникација со Министерството за внатрешни работи соодветно било реагирано со што граѓаните повратно биле информирани.
„Јас во оваа прилика уште еднаш сакам да ги охрабрам да продолжат со ваквата зголемена, интензивна и добра комуникација со Министерството за внатрешни работи“, порача Јанкулоска.
Бројот на прекршоци во сообраќајот бил згoлемен за околу 4 отсто. Во првите шест месеци биле регистрирани 73. 152 прекршоци, или 400 прекршоци во текот на еден ден.
Забележано е благо намалување на бројот на жртвите во сообраќајот во однос на минатата година. До сега биле евидентирани 1.716 сообраќајни несреќи со потешки поседици во кои загинало 71 лице. Само на територијата на Град Скопје евидентирани биле 20 жртви.
На подрачјето на Скопје од почетокот на годината до денес направени се речиси 97.924 сообраќајни контроли.
Од сообраќајот биле исклучени биле 218 возачи-почетници, 1644 возачи кои биле под дејство на алкохол а тоа е зголемување за 118 отсто од лани. Зголемен е и бројот на алкотестирани возачи, за 56,5 отсто од минатата година или 4. 817 возачи, како и бројот на привремено одземени возила за 56,3 отсто. Забележано е опаѓање на бројот на исклучени нерегистрирани возила, а се зголемил бројот на возила кои биле технички неисправни.
Каралктеристично за градот Скопје е што во првите 7 месеци од 2014 година се намалил бројот на сообраќајните несреќи со материјална штета, но зголемен е бројот на сообрачајки со потешки последици.
„Ова се состојби кои говорат дека сообраќајните контроли мора да продолжат со ист и зголемен интензитет бидејќи превентивното дејствување ги дава своите резултати. Меѓутоа мора да упатиме и една порака до учесниците во сообраќајот без разлика во која улога се наоѓаат дека секој од нас носи сопствена одговорност и може да биде причина за губење на човечки живот или за сообраќајна несреќа со потешки последици“, порача Јанкулоска.
Министерката истакна дека поради успешноста на проектот, тој може да има траен карактер.