Во сите православни храмови денеска се празнува Успението на Пресвета Богородица, а во манастирскиот комплекс кај Крива Паланка се празнува два дена – денеска големиот христијански празник Успение на Богородица во храмот посветен на Богомајката, а утре, 29-ти август, споменот на патронот на манастирот свети Јоаким Осоговски.
Во градот од почетокот на викендот што измина се слави со најразлични манифестации и културни настани кои дополнително го зголемија бројот на посетители во градот, а сместувачките капацитети се исполнети до последно место.
Програмата што општината ја нуди деновиве, но и до крајот на месецот е причина плус да се посети градчето под Осоговието, но и да се ужива во прекрасниот амбиент, природа и пејзажи, во духовниот мир и убавината на манастирскиот комплекс, во овие топли денови, кога свежината на планината дава посебна пријатност на денот, и свежина на ноќта.
Чествувањето во храмовите отпочна синоќа, со празнична вечерна богослужба, а утринава се одржа утрена богослужба со света архиерејска литуρгија, во осум часот, додека во девет часот од храмот свети Великомаченик Димитриј во градот до параклисот пред општината се одржа Литија на св.Јоаким Осоговски.
Вечерва следува празнична вечерна богослужба, а утре, во манастирот по утрената богослужба и светата архиерејска литургија верниците ќе кревааат славски колачи и ќе се прави водосвет.
Свештенството од Кумановско-осоговската епархија ги направи сите подготовки, материјални и духовни за достојно одбележување на празникот.
-Со добра мисла и радост во срцата го празнуваме денешниот голем празник, Успение на Божјата мајка. Денес се празнува празник кој има локално и пошироко и кулутрно и православно значење. Утрешниот празник е и празник на градот, а светителот е познат во сите околни помесни православни цркви по своето аскетско и сиихастичко ( тихувателно) живеење, со беметежност на умот, што е одлика на подвижници кои живееле аскетски живот. Во манастирот се служат и вечерни и утрени литургии, а како и низ годините, традиционално, утре ќе се служи и архиерејска литургија, по што за сите верници и намерници кои на овој ден доаѓаат од сите краишта ќе се дели манастирско гравче во трпезаријата на стариот конак, изјави игумен Григориј.
Во пресрет на празниците во манастирот се поставени 50-тина нови канделабри и нови корпи за отпадоци на повеќе локации, со цел зачувување на убавиот амбиент што го одликува манастирот, а тековно се реновираат и реконструираат повеќе делови во округот на манастирот и се уредуваат пристапните патеки.
-Манастирот е посетен од туристи во текот на целата година, а особено деновиве и во текот на летото, воопшто. Во гостинскиот конак има сместувачки капацитет со стотина легла, со достапна ресторанска услуга, а не ретко се исполнети и се бара место повеќе. Освен тоа, за време на викендите овде понекогаш доаѓаат и по неколку стотици посетители, од земјава, соседството, Србија и Бугарија, но и од бројни европски земји, Белгијци, Французи, Германци, Холанѓани, … што како неодминлива дестинација го посетуваат манастирот на еден или повеќе денови, додава игуменот.
Во гостинскиот конак беа сместени и гостите од Интернационалниот фолклорен фестивал Св.Јоаким Осоговски во градот, а Елке Адами од Белгија, од градот Самбервил, дел од фолклорната група „Жил“ ги сподели со нас импресиите од амбиентот.
-Прекрасно е, трет пат сме во Крива Паланка, првпат во манастирот и исмпресионирана сум од амбиентот, убавината, мирот, се е многу убаво и впечатливо. Ми остави посебен белег ова гостување тука, иако ние понекогаш на собирите и вечерните дружења деновиве можеби умеевме и да ја нарушиме помалку мирната духовна атмосфера, што се надевам не е грешка, низ смеа кажува Адами.
Посочи дека ќе ги пренесе впечатоците на сите нејзини пријатели и ќе ги покани да дојдат во убавиот град, како што рече, со добри и гостопримливи луѓе.
Во гостинскиот конак има и сала за свечености, каде често се прославуваат најрадосните семејни моменти, свадби, родендени, крштевки, а достапни се и сала за симпозиуми, конференции и служење веронаука.
Манастирот е духовно светилиште на Осоговието, лоциран е на околу два километра од центарот на Крива Паланка, а до него водат два асфалтирани патни правци, едниот нов, а другиот наскоро се очекува да биде реконстуиран, но е во функција.
Историјата на манастирот започнува со доаѓањето на свети Јоаким Осоговски на овие простори. Животот го минал во пост и молитва, а се упокоил во 1105-та година. Педесет години по неговата смрт, еден свештеник по име Теофан, воден од светиот дух дошол од Овче Поле за да ги извади моштите и ги наоѓа моштите. Тој е и градител на малата црква сега посветена на Рождество на Пресвета Богородица. Подоцна, откако се појавила потреба за изградба на поголема манастирска црква, Хаџи-Стефан Белички, богат трговец од Крива Паланка, дошол и започнал со изградба на големата манастирска црква посветена на свети Јоаким. Манастирот е граден во периодот од 1847 до 1851 година. Моштите на светецот се сохранети тука, во саркофаг, каде и ден денес се наоѓаат.
-Во манастирот е активен и литургискиот живот, се служат сите празнични и неделни богослужби во текот на годината. Во комплексот престојуваат три монахињи, како и еден монах, игуменот Григориј, а тука се привремено се до конечната одлука од свештенството на епархијата, дали ќе се прилагоди манастирот за монашки живот за жени или мажи. Во оваа епархија нема женски манастири, а само во Кумановскиот манастир св.Ѓорги има двајца монаси, така што ќе се одлучува во иднина како ќе се прилагодат, додава игумен Григориј.
Во државата има повеќе женски манастири: Водоча и Вељуса во Струмичко, св.Архангел Михаил во Прилеп, Успение на Пресвета Богородица во Матка, Скопје, Рајчица во Дебарско и св.Никола во Љубанци, Скопско.
Празнувањата дури траат, да сме весели во срцата, умерени во говорот и дејстувањето, да уживаме во честувањето, да се радуваме на живеењето, порачува игуменот Григориј.