
Ретки се туристите во битолско Мариово. Одвреме-навреме, по ридовите на пределот на крајниот југ на Македонија ќе залутаат група грчки ловџии, „гонејќи“ го дивечот преку границата високо на сртовите на Kајмакчалан и Ниџе. Многу почесто, туристите во овој ретко населен крај, наместо со пушки, доаѓаат со мапи, пишува Дневник. Легендите за закопани богатства, кои се врзуваат за целата богата историја на пределот, од времето на античките кралеви, преку монашките братства и турските бегови, до Првата светска војна, ги привлекуваат туристите, трагачите по богатства или дивите копачи. А Мариово, поради бурната историја, е преполно со вакви приказни.
Една од најстарите причини што ги носат дивите копачи во Мариово е приказната за античката тврдина Пешта, која ја користеле и Римјаните. Легендата вели дека во нејзина близина имало и град, кој крие огромно богатство на античките владетели. „Триесет тони злато во прачки и три тони дијаманти“, велат Мариовци.
Приказните за закопани богатства продолжуваат низ ерата на Отоманското Царство.
– Овдека, над селото, до 18 век имало манастир и епископска школа. Манастирот имал 70 монаси и големо богатство. Некаде во 1770 година, грчки андарти го запалиле и ги убиле монасите. Но, златото било закопано. Kога го закопувале, монасите оставиле писмо. Тој што ќе го најде златото да го обнови манастирот. Сето злато што ќе остане, со здравје да го троши – вели Јован Босеовски (65) од Градешница, неформален историчар на легендите од областа.
Целиот текст можете да го прочитате тука.