Во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија вечерва ќе биде отворена изложбата „Д-р Александар Сингер- Народен лекар“. Изложбата е посветена на д-р Сингер, кој е втемелувач на Медицинскиот центар во Гевгелија и основач на Интерното одделение. Организирана е благодарение на колекционерскиот ангажман на академскиот вајар Јордан Јанев-Дане кој го чувствувал Сингер како втор татко и ги сочувал сите негови лични предмети, фотографии и документи.
Роден е на 22 февруари 1914 година во Сента, Војводина. Потекнува од средно имотно еврејско семејство кое дошло од Унгарија во Војводина. На 27 години, како воен лекар, бил заробен од Германците во логорот „Дулак 206“ во Марибор од каде по два месеца е префрлен во „Одделот 10 Б“ во Зандбостел, дваесетина километри северозападно од Хамбург, а потоа во Боркхорст, во близина на холандската граница, каде што останува до крајот на војната. Благодарение на лекарскиот позив го преживува Холокаустот.
Во 1946 година побарал од Министерството за здравство на Хрватска да му одобрат да замине во Македонија каде имало потреба од лекарски кадар. Во Гевгелија го нарекуваат „народен лекар“. Тој ја искоренил маларијата во Гевгелиско-валандовскиот регион. Се пензионирал во 1983 година. Како активен шахист го основа и шаховскиот клуб во Гевгелија. Зборувал германски, француски, руски и унгарски јазик и имал најголема домашна библиотека од 5 000 книги. За своите залагања и заслуги, има добиено повеќе одликувања и медали за заслуги. Починал на 83 години, на 2 април 1996 година во Гевгелија.