Со централна манифестација, свечена Светосавска академија, вечерва во Македонскиот народен театар ќе биде одбележан националниот празник на Србите во земјава – Денот на српскиот просветител Свети Сава.
Како што информираа од Српскиот културен центар во Скопје, Академијата ќе започне во 19 часот, a на Светосавската академија е предвидено обраќање на високи официјални претставници од државава, како и од Србија и од Република Српска.
Во соопштението се наведува дека со богата културно-уметничка програма ќе биде претставена културата, духовноста и традицијата на српскиот народ.
По тој повод, српската заедница во Македонија на претседателот на Србија Александар Вучиќ му додели Светосавска повелба. Повелбата се доделува за сесрпското единство, за угледот на Србите во регионот и во светот и за тоа што во овие тешки времиња и на Србите во Македонија и на братскиот македонски народ им ја подадовте раката за помош, се вели меѓу другото во образложението за доделување на повелбата.
По повод празникот Свети Сава, претседателот Стево Пендаровски упати честитка до припадниците на српската заедница во државата.
– Дозволете во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Северна Македонија, најсрдечно да ви го честитам националниот ден на Србите во Република Северна Македонија – Свети Сава и да ви посакам големиот празник да го поминете во хармонија, радост и среќа. Празнувањето на духовникот Свети Сава е дополнителен мост за наше културно поврзување со соседна Република Србија, но и особено значаен дел од мозаикот на македонското мултикултурно и мултиетничко општество, се наведува во честитката од претседателот до граѓаните од српската заедница.
Пендаровски им се заблагодарува на сите припадници на српската заедница во земјава, за нивниот придонес во сите сфери на општественото живеење и во градењето демократска, просперитетна и заедничка татковина на сите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во лично и од име на партијата им го честита празникот Свети Сава на припадниците на српската заедница во Република Македонија која, како што вели, е земја пример во која секој нејзин граѓанин може да ги негува своите јазични и културни традиции, притоа респектирајќи ги културните и идентитетските особености на другите.
– Тие вредности се длабоко вкоренети во оваа земја. Различностите во Македонија се богатство и како такви се вклопени во дел од нашиот мозаик. Одбележувањето на ваквите празници градат мостови помеѓу народите, затоа што се базираат на заемна почит и разбирање, вековни вредности градени тука во Македонија. Почитта кон еден народ и неговата култура е мост преку кој луѓето меѓу себе се зближуваат, ги развиваат своите врски и на тој начин градат подобра иднина. Треба да разбереме дека и внатре во Македонија, но и кон надвор, мораме да си подаваме рака за соработка со заемно уважување и со добра волја – пишува Мицкоски во честитката.
Додава дека пријателствата меѓу луѓето се резултат на нивната доверба и дека заедничка цел е, како што вели, „да изградиме држава со подобра иднина за генерациите кои следат”.
– Да изградиме татковина во која сите заедно ќе се бориме против криминалот и корупцијата кои ги подриваат темелите на системот. Да изградиме заеднички дом во кој најдобрите ќе ја имаат својата шанса да покажат што знаат и што може да придонесат за напредок на сите. Да изградиме Македонија која сплотено ќе умее да се спротивстави на предизвиците кои доаѓаат како од внатре, така и од надвор. Нека е честит празникот Свети Сава! – пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во честитката.