Јавноста ќе може во наредните 20 дена да дава сугестии на предложениот текст за нов закон за учебници за основно и средно образование што го изработи Министерството за образование и наука и е ставен на ЕНЕР (Електронски национален регистер на прописи).
Како што изјави министерката Весна Јаневска, новина во Предлог-законот е што им се дава можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници и тие ќе ја имаат обврската за печатење. Од новиот закон таа очекува учебници со подобар квалитет и нивно навремено доставување во училиштата.
-Вчера е објавен (на ЕНЕР) новиот закон за учебници. Новината е што овојпат им даваме можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници кои потоа во процедура на избор, одобрување од Бирото, рецензии од Националната комисија, би биле избрани и обврската за печатење се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември. Тоа е новината. Според првата година, ќе видиме дали повеќето од постапките ќе можат да се префрлат на издавачките куќи, а очекуваме да добиеме подобар квалитет на учебници и поголема ефикасност за да не се доведеме во ситуација на 1 септември да немаме учебници, изјави министерката Јаневска пред отворањето на конференцијата „Подобрување на квалитетот на образованието“.
За постапките за учебници кои се почнати до сега, рече дека ќе продолжат по старите процедури затоа што МОН има обврска нив да ги заврши.
МОН на својата веб-страница ја повика јавноста да учествува со сугестии и предлози во подобрувањето на предложениот текст на новиот закон кој треба да го замени актуелниот донесен во 2008 година.
-Сите заинтересирани граѓани може да дадат свој придонес во усвојувањето на најдобрата верзија што ќе биде проследена во собраниска процедура. Во Предлог-законот се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници раководството на МОН и на Педагошката служба имаа конструктивна работна средба. Новиот закон треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки какви што имаше досега и да ја поедностави постапката за набавка, со цел учебниците да бидат навремено испорачани во училиштата, објави МОН.
На новинарско прашање за поплаките од родители во Тетово дека ги фотокопираат учебниците за нивните деца затоа што им се многу оштетени, Јаневска одговори дека училиштата самите треба да пријават количина на оштетени учебници за да им бидат заменети, но и дека во таа општина не била почитувана обврската родителите да платат за оштетувања на учебниците за да бидат поштедени од трошоци. Според анализа на МОН, додаде Јаневска, недостигот од учебници кој тие го спомнувале не е соодветен на реалноста.
-Жал ми е што морам да кажам дека ова е едно големо, големо недоразбирање. МОН во ниеден момент не може да знае колку учебници им требаат на училиштата доколку училиштата тоа не го пријават. Постои електронски систем кој на крајот на годината се вклучува. Ние им праќаме допис, ги информираме училиштата дека го вклучуваме електронскиот систем за тие да пријават зголемен број на ученици или потреба од дополнување на оштетени учебници. Ако училиштата не ги пријават оштетените учебници, ние не можеме да знаеме дека имаат потреба, иако Министерството оваа година даде дополнителен процент на учебници кои беа распределени по училиштата, релативно низок процент заради законските одредби, рече Јаневска.
Посочи и на изјави на вработени во Општината, кои, рече, „самите велат дека ги штеделе родителите“.
-Законот предвидува дека ако учебникот е оштетен, родителот да исплати сума за обнова на учебник од 10 до 70 проценти, во зависност од оштетувањето. Тие ги штеделе родителите од за мене непознати причини, тие треба да си кажат зошто, и не ги пријавувале оштетените учебници. Но, анализата на МОН вели дека недостатокот на учебници кој тие го спомнуваат навистина не е соодветен на реалноста.