Војната против Хамас ќе го чини Израел повеќе од 50 милијарди долари

Војната со Хамас во Појасот Газа ќе го чини Израел дури 51 милијарда долари, објави во неделата финансискиот весник Calcalist, повикувајќи се на прелиминарни податоци на Министерството за финансии.

Весникот наведува дека проценката, еднаква на 10 отсто од бруто домашниот производ, се заснова на војна која би траела меѓу 8 и 12 месеци, ограничена на Газа, без целосно учество на либанскиот Хезболах, Иран или Јемен, и со околу 350.000 Израелци регрутирани во резервниот состав на војската кои наскоро би се вратиле на работа.

Во анализата на Calcalist се наведува дека министерството дека разгледува 51 милијарда долари како „оптимистичка“ проценка. Сепак, израелското министерство за финанси во засебна објава за јавноста вели дека не стои зад податоците на Calcalist.

Вооружените членови на Хамас од Газа го извршија најсмртоносниот напад врз израелските цивили во историјата на земјата на 7. октомври, а Израел оттогаш ја бомбардира Газа со цел да ја елиминира радикалната група.

Во написот на Calcalist се наведува дека половина од трошоците ќе бидат трошоци за одбрана во износ од околу 250 милиони американски долари дневно, а остатокот се однесува на трошоци кои вклучуваат изгубени приходи, компензација за компаниите и реконструкција.

Министерот за финансии Безалел Смотрич претходно изјави дека израелската влада подготвува пакет економска помош за погодените од палестинските напади што ќе биде „поголем и поширок“ отколку за време на пандемијата ковид-19. Во четвртокот, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека земјата е посветена да им помогне на сите погодени.

„Мојата директива е јасна: отворете ги чешмите и насочете ги средствата кон оние на кои им се потребни“, рече тој без да даде бројки. „Исто како што правевме за време на ковид-19. Во изминатата деценија изградивме многу силна економија овде и дури и ако војната бара економска цена од нас, како што се случува, ние ќе платиме без двоумење“.

Поради војната, S&P го намали кредитниот рејтинг на Израел на „негативен“, додека Moody’s и Fitch го преиспитуваат рејтингот на Израел за можно намалување.