
Војната на Израел против Хамас ќе трае со месеци, објави во вторникот началникот на Генералштабот на израелската армија Херци Халеви во изјава за медиумите. Халеви им рече на новинарите на границата со Газа дека војната ќе трае „многу месеци“.
„Нема магични решенија, нема кратенки за уништување на терористичка организација, само решителна и истрајна борба. Ќе дојдеме и до раководството на Хамас, без разлика дали ќе биде потребно за тоа една седмица или месеци“, рече Халеви.
Израелските борбени активности во палестинската енклава се интензивираа околу католички Божик, особено во централниот дел на Појасот Газа. Израелската армија им порача на цивилите да ја напуштат областа, иако и меѓународните организации посочуват дека цивилите всушност нема каде безбедно да одат бидејќи не се безбедни од израелските удари во ниеден дел на тесната крајбрежна енклава.
Во Вашингтон, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер требаше во вторник да се сретне со американскиот државен секретар Антони Блинкен и со советникот за национална безбедност Џејк Саливан за да разговараат за војната и враќањето на заложниците, соопшти Белата куќа.
Последните седмици Вашингтон отворено вршеше притисок врз Израел да ја намали војната од сеопфатен воен напад во понасочена операција против лидерите на Хамас. Израел вели дека нема да престане да се бори сѐ додека Хамас не биде целосно уништен.
Советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Марк Регев, во вторникот за американската телевизиска мрежа CNN изјави дека уништувањето на Хамас, кој владее со Газа по изборите од 2006 година а власта ја презема една година подоцна, „е предуслов за подобра иднина и за Израелците и за Палестинците“.
„Нема да имате демилитаризирана и дерадикализирана Газа без претходно да го уништите Хамас. Не можете да имате реконструкција во Газа, обнова на животите на луѓето без претходно да се справите со Хамас“, додаде Регев.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант им рече на членовите на Кнесетот, израелскиот парламент, дека Израел води војна на повеќе фронтови и, заедно со Иран, ги наведе областите каде се активни милитантите поддржани од Иран.
„Ние сме во војна на повеќе фронтови и нè напаѓаат од седум области: Газа, Либан, Сирија, Јудеја и Самарија (двете области под кои се подразбира другата палестинска енклава Западниот брег на реката Јордан), Ирак, Јемен и Иран“, тврдеше Галант.
Додаде дека Израел одговорил на нападите во шест области, без да прецизира на која сѐ уште не дејствувал.
Во Индија дошло до експлозија во близина на израелската амбасада во Њу Делхи. Властите соопштија дека никој од персоналот не е повреден.