Војната во Украина ги исцрпува резервите со муниција на САД

Соединетите држави наскоро нема да можат да ѝ испорачаат на Украина одредени видови муниција кои се од суштинско значење за војната на Киев против Русија, бидејќи залихите се трошат побрзо отколку што може да се надополнат, вели за AFP Марк Карсијан пензиониран полковник на американската армија и виш советник на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS).

САД се убедливо најголемиот снабдувач со оружје откако на 24-ти февруари започна руската инвазија во Украина, со повеќе од 16,8 милијарди долари воена помош само од тој датум, според официјалните податоци.

Меѓутоа, американските залихи на одредена опрема „ги достигнува максималните нивоа потребни за воените планови и обука“, а обновувањето до нивоата пред почетокот на војната може да потрае со години, пишува во својата анализа Кансијан.

 

Нема замена

Залихите, се предупредува во анализата, се трошат многу побрзо отколку што може да се надополнат. Тоа, според Кансијан, особено се однесува за проектилите за повеќекратните ракетни системи со висока прецизност и долг дострел HIMARS, кои лансираат проектили наведувани со GSP познати како GMLRS, со дострел од повеќе од 80 колометри.

„Доколку САД испорачаат третина од оваа залиха во Украина (како што беше случајот со мобилните противтенковски системи Javelins и противвоздушните Stingers), Украина ќе добие меѓу 8.000 и 10.000 проектили. Тоа количество веројатно ќе трае неколку месеци, но кога ќе се потрошат залихите, нема да има замена за нив“, вели Кансијан, кој порано се занимавал со набавка на оружје за американската влада.

Вашингтон сега ги „учи лекциите“ од конфликтот за потребите од муниција во војните на големите сили, кои се „далеку поголеми“ отколку што се предвидуваше, признава за AFP американскиот воен функционер кој сакал да остане анонимен.

Претходно и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг призна дека резервите со оружје во земјите на Алијансата се намалени поради испораките за Украина. Според него, НАТО треба да работи со одбранбената индустрија за да се забрза производство на опрема и оружје.

Во прилогот притоа се додава дека американските компании од наменската воена индустрија беа принудени драстично да го намалат производството во 1990-те години, бидејќи САД ги намалија трошоците за одбраната во контекстот на распадот на поранешниот Советски сојуз и Варшавскиот воен пакт.

Според анализата на Кансијан, сега и американската администрација мора да ја убеди наменската индустрија повторно да отвори некои линии за производство и повторно да започне производство на опрема како што се на пример противвоздушните системи „Stinger“, кои не се произведувани од 2020 година.

Се додава дека одредена опрема којашто ја обезбедуваат САД за Украина станала симболична, како на пример противтенковски системи „Javelin“ кои украинската војска масовно ги користеше во запирањето на напредувањето на руските трупи, како и ракетниот систем HIMARS, кој сега има клучна улога во украинската противофанзива на истокот и југот од земјата.

„Производството (на HIMARS) е околу 5.000 парчиња годишно. Иако САД работата на зголемувањето на ова количество, а од неодамна се издвојуваат пари за таа цели, ќе бидат потребни години“, вели Кансијан додавајќи дека постарата опрема сепак може да помогне да се надополни недостигот.

Додава и дека САД му обезбедиле на Киев околу 8.500 проектили за системот „Javelin“, но производството на оваа опрема кое стана симбол на украинскиот отпор е само околу 1.000 годишно.

 

Колку што ќе е потребно

Американската влада направи нарачка на проектили во вредност од 350 милиони долари во мај, но се смета дека повторно ќе бидат потребни неколку години за да се надополнат залихите.

САД, исто така, испорачале во Украина повеќе од 800.000 артилериски проектили од 155 милиметри според стандардите на НАТО, што е три четвртини од вкупното количество испорачано од сите западни земји, според официјалните податоци на Пентагон.

Количествата проектили коишто Вашингтон ги обезбедува за Украина „веројатно е блиску до границата којашто САД се подготвени да ја дадат без ризик за сопствените борбени способности“, вели Кансијан.

Производството на таквите проектили во САД во моментов изнесува 14.000 на месечно ниво, но Пентагон објави дека има цел да ја зголеми таа бројка на 36.000 месечно во рок од три години. Тоа, сепак, би довело до годишно производство до 432.000 парчиња, помалку од половината од она што ѝ е испорачано на Украина во изминатите седум месеци од војната.

Производството на американската одбранбена индустрија забрзува, изјави претходно во вторникот Лора Купер, висок претставника на Пентагон одговорна за Русија и Украина.

„САД ќе продолжат да стојат со народот на Украина и ќе му осигурат безбедносна помош којашто му е потребна да се брани онолку долго колку што е потребно“, изјави Купер.