Во НАТО сметаат дека сега е важно да се осигура победата на Украина а не да се дискутира за нејзиниот прием

Северноатлантската алијанса во моментов смета дека е главно да се обезбеди победата на Украина во војната со Русија, а не да се разговара за нејзиниот влез во сојузот, бидејќи во спротивно нема да може каде да се приклучи, изјави во средата челникот на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки во Букурешт.

„Најитната задача во моментов е да направиме сѐ Украина да победи како демократска суверена земја во Европа. Доколку Украина не победи како суверена земја, тогаш членството воопшто нема да биде ставено на масата“, изјави генералниот секретар на НАТО.

Истовремено Столтенберг истакна дека треба да се сфати дека може да има многу нешта меѓу „ништо“ и „полноправно членство“ во НАТО за Украина, како и дека треба да се развива „политичка и практична“ соработка со Киев и повтори дека „најважното сега е Украина да победи“.

Претходно на средбата во романската престолнина шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО се обидуваа да ги примират соседите на Русија кои се загрижени дека Москва би можела да ги дестабилизира, повторно оценувајќи дека војната во Украина токму е причина за нестабилноста во нивното снабдување со енергенси и растечката рекордна инфлација.

Во текот на вториот ден од министерскиот состанок во Брисел фокусот беше ставен на западен Балкан, особено на Босна и Херцеговина, како и на двете поранешни советски републики Молдавија и Грузија. Двете држави имаат одметнати автономни региони со автохтоно население во кои од 1990-те се стационирани руски единици.

„Пораката е јасна: сите членки на НАТО се свесни дека ѕверот сака да ја преземе контролата над западен Балкан и мораме практично да им помогнеме на тие земји да преживеат“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу.

Членките на НАТО ветиле дека „ќе им помогнат на државите членки соочени со притисокот од Москва“, објавија генералниот секретар Столтенебрг и министрите.

„Поуката од Украина дека мораме да им пружиме поддршка сега. Руското влијание ги погаѓа на различни начини, но подобро да ги поддржиме сега отколку работите да почнат да се развиваат во сосема поинаква насока, како што тоа го гледаме во Украина“, додаде Столтенберг.

Но генералниот секретар не изнесе поединости за тоа каква помош НАТО ќе им пружи на земјите од регионот кои не се членки.

Во однос на Босна и Херцеговина, Столтенберг изјави дека една од најважните работи е „како да се спротиставиме на руското мешање и влијание е таа по изборите да се доврши формирањето на владата“.