Лидерот на албанските владејачки социјалисти и актуелен премиер Еди Рама, изјави дека постои план за дестаблизација на земјата и оти поради тие причини побарал од кандидатот на неговата партија да се повлече од делумните избори во Каваја.
Во недела во овој град граѓаните требаше да избираат градоначалник, откако претходниот беше разрешен поради вмешаност во криминал.
„Некои луѓе 7 мај го гледаат како ден кога државата треба да покаже како се спроведува законот. Други, пак, се плашат од последиците од конфликт со кој се посакува да се предизвика дестаблизација на Албанија. Постои план за дестабилизација на земјава. И шаторот е поставен токму од тие причини“, изјави Рама директно обвинувјќи ја опозицијата за тоа.
Тој уште еднаш му „даде до знаење“ на лидерот на опозицијата Љуљзим Баша дека, како што рече, му е на располагање за договор околу изборите до 8 мај, затоа што „и без опозицијата избори ќе има на 18 јуни“.
Рама го повика и независниот кандидат Астрит Хака да се повлече од изборите, а овој доцна синоќа тоа и го направи. Ова најверојатно ќе значи и одложување на гласањето за градоначалнк на Каваја.
Инаку, опозицијата уште од поодамна за утре во Каваја најави масовен протест за блокирање на изборите, кои сега, по овие случувања, повеќе од сигурно е дека нема да се одржат.