Во Нетпрес готвиме чорба со компир и пилешко

Во кујната на Нетпрес денеска одлучивме да подготвиме чорба со компир и пилешко месо и за десерт ролат обланда со суво овошје

Потребни состојки

500 гр пилешки гради
1 кромид
2-3 чешниња лук
2 моркови
Компир
Зачини

Запршка

Масло за јадење
1 лажица црвена пиперка
2 лажици брашно

Подготовка

На малку масло пржете ги лукот и кромидот. Кога кромидот ќе стане слаткаст, додајте го пилешкото месо исечено на коцки и морковот. Пропржете се’ заедно, додајте ги зачините, чаша вода и варете.

Кога месото ќе омекне, додајте зеленчук по желба и компир исечен на коцки. Додајте вода и гответе 25 минути односно додека компирот не се свари. Посолете по потреба

Кога чорбата ќе биде речиси готова, подгответе запршка. На малку масло пропржете го црвениот пипер, додајте брашно и брзо мешајте за да се згрутчи. Додајте вода од чорбата и мешајте додека не зоврие. Потоа запршката ставете ја во чорбата, промешајте и продолжете да гответе уште десетина минути.

Чорбата пред крај зачинете ја.

rolat olanda

За десерт се решивме за обланда ролат со суво овошје

 Состојки

3-4 кори обланда
300 гр маргарин
250 гр суви сечкани смокви
200 гр мешавина од разно суво овошје
200 гр сечкани ореви, лешници, бадеми
2 реда чоколадо за готвење
2 дл сок од портокал (може и некој друг)
300 гр мелени бисквити

Подготовка

На тивок оган истопете го маргаринот додајте ја чоколадата, а потоа смоквите и останатато суво овошје. Промешајте па додадете ги сечканите ореви, лешници и бадеми. Сето тоа полека оставете го да се крчка  на тивок оган со повремено мешање. На крајот додадете мелени бисквити. Во меѓувреме подгответе ги корите обланда.

Навлажнете една чиста крпа и во неа замотајте една кора обланда. Кога ќе омекне доволно за да може да се витка, а да не се крши, ставете од филот по неа. Потоа цврсто свиткајте во ролат. Ролатот потоа замотајте го во алуминиумска фолија. Постапете исто и со останатите кори па ставете ги малку во замрзнувач за да се стегне, а потоа ставете ги во фрижидер. Најдобро е да ги послужите следниот ден.

Пријатен апетит!