Во Ниш 500 лица од бизнисот и од Комората утрово се вакцинираа

Во тек е вакцинација на бизнис заедницата, акција на Стопанската комора на Северна Македонија, која заедно со Стопанската комора на Србија, а во рамките на Коморскиот инвестициски форум се реализира викендов во спортската сала „Чаир“ во Ниш, Република Србија. Од отворањето на пунктовите за вакцинирање, до 11 часот, вакцинирани се повеќе од 500 лица.

Се вакцинираат вработени од Комората, како и вработени од компаниите членки на Комората чии работни места се од висок ризик од пандемијата и единствено на овој начин ќе продолжат непречено да работат, да го задржат нивото на економска активност и да ѝ помогнат на државата и економијата во борбата против пандемијата.

Комората изрази благодарност до Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за брзото постапување по нејзиното барање за пуштање на повеќе ленти за возила на граничниот премин Табановце, со цел брз проток на патници, поради акцијата за имунизација од ковид-19 на претставниците од бизнис заедницата.

Од Комората велат дека на граничниот премин Табановце сообраќајот се одвива непречено и без застои.