Кога Пентагон, набрзо откако Русија ја започна инвазијата во Украина, ги собра најголемите светски добавувачи во одбранбената индустрија за да им каже да го зголемат производството, еден извршен директор се колебаше велејќи дека не сакаат да заглават со полни складишта ракети кога еднаш судирите ќе престанат, велат за Reuters три извора запознаени со тие разговори.
Речиси две години подоцна, големите одбранбени компании го променија мислењето, а неколку очекуваат голема побарувачка во 2024 година, имајќи предвид дека САД и нивните сојузници трупаат скапо оружје и муниција, следејќи ги вниматело активностите на Русија и Кина, коишто ги сметаат за агресивни.
Сметката е едноставна. Кога, на пример, би била задоволена побарувачката на противтенковската муниција, производството на пресретнувачките проектили „Patriot“ за американската војска ќе порасне од 550 на 650 ракети годишно. Со поединечна цена од околу четири милиони долари, тоа значи потенцијално зголемување на продажбата за 400 милиони долари годишно само на еден систем на вооружување. Имајќи предвид дека зголемувањето на обемот на производството на постарите системи секогаш е поисплатливо од високите инвестициски трошоци поврзани со зголемувањето на производството на новите системи, посилната побарувачка брзо ќе се преточи во нето добивка на компанијата.
Се очекува дека акциите на најголемите компании од воено-индустрискиот сектор, кои изминатите две години со растот на цените без тешкотии го надминуваат растот на референтниот акционерски индекс S&P 500, ќе продолжат да јакнат. Се предвидува дека цените на акциите на „Lockheed Martin“, „General Dynamics“ и „Northrop Grumman“ ќе пораснат меѓу 5 и 7 отсто во следните 12 месеци, додека се предвидува дека индексот S&P 500 ќе оствари ограничени добивки.
Американските залихи на оружје не биле „полни“ пред Русија да влезе во Украина, тврди Ерик Фанинг, извршен директор на американското здружение на вселенската индустрија Aerospace Industries Association, а противниците перципираат дека нашите залихи почнуваат да слабеат и се исцрпуваат. Како резултат на тоа, побарувачката ја покренува кинеската агресија, стравот од руската агресија и поддршката на сојузнуците на Блискиот исток, вели Фанинг.
Производството на противвоздушните системи „Patriot“ може да се разложи за да се покаже како продажбата на основните артикли ќе влијае на низа компании. Така, RTX произведува радари и копнени системи, а „Lockheed Martin“ произведува ракети за пресретнување од најновата генерација. RTX го зголеми производството на лансери и системи за управување на 12 единици годишно. Лансерот и радарот заедно чинат околу 400 милиони долари за секој систем.
Од „Boeing“ објавија дека во текот на следните неколку години за повеќе од 30 отсто ќе ги зголеми производствените капацитети на својата фабрика во Хантсвил во сојузната држава Алабама, каде што произведува сензори кои се користат за наведуваните ракети за „Patriot“. Уште еден силен сигнал за побарувачката може да се види во нереализираните нарачки на ракетни мотори на цврсто гориво кои се користат во широка палета оружени системи за кои постои голема побарувачка од почетокот на војната во Украина кон крајот на февруари 2022 година.
Соединетите држави ги имаат водечките произведувачи на ракетни мотори – „Northrop Grumman“ и „L3Harris Technologies“, кои известија за раст на побарувачката. Од „Northrop Grumman“ објавија дека голем дел од тоа зголемување е последица на побарувачката на неговите ракетни мотори и боеви глави во наведуваните ракети за повеќекратните лансирни системи (GMLRS) кои наголемо се користат од украинската војска. Системите GMLRS се наведувани ракети со GPS со боеви глави тешки 90 килограми.
„Lockheed Martin“ произведува 10.000 проектили годишно и го зголемува производството на 14.000 парчиња. Нивната просечна поединечна цена е 148.000 долари, според воени документи во кои увид имал Reuters, а повеќе од 6.100 досега ѝ се испорачани на Украина, според истиот извор.
Потребата од значителни залихи јакне со секој ден истрелување на муницијата, вели за Reuters Тим Кејхил, шеф на одделот „Missiles and Fire Control“ на „Lockheed Martin“, главниот добавувач на пресретнувачките проектили „Patriot“ и GMLRS. „И не гладеам дека (потребата) ќе се намали“, додава Кејхил.
Извршниот директор на еден производител на ракетни мотори вели дека администрацијата на претседателот Џо Бајден во своето барање за буџетот на Пентагон за фискалната 2024 година дала приоритет на муницијата. Се очекува дека поттикнување на нарачките ќе даде и законот за издвојувањата за одбраната во износ од 886 милијарди долари, кој мина низ Конгресот минатата седмица и се очекува дека ќе го потпише претседателот Бајден.