Отворените инвестициски фондови ноември го завршиле со вредност од 13,1 милјарда денари, односно 213 милиони евра. Тоа упатува на месечно зголемување од 4,96 проценти, бидејќи на последниот ден од октомври износот бил 203 милиони евра.
Податоците од извештајот на Комисијата за хартии од вредност покажуваат дека во текот на единаесеттиот месец инвеститорите вложиле 21,84 милиони евра во отворените инвестициски фондови. Во споредба со октомври, кога во оваа ставка биле запишани 15,9 милиони евра, остварен е раст од 37,14 насто.
Што се однесува до одливите, нагорно движење има и на таа страна. Се работи за раст од 48,03 проценти и за износ од 16,3 милиони евра.
Оттаму и крајниот ефект – отворените инвестициски фондови претпоследниот годинешен месец го заокружиле со позитива од 5,5 милиони евра. Толкава е нето разликата меѓу приливите и одливите по реализираните месечни активности.