Во Норвешка речиси сите нови автомобили продадени во 2024-та биле целосно електрични

Девет од десет нови автомобили продадени во Норвешка минатата година биле целосно електрични, покажаа податоците за регистрација објавени во четвртокот, што ѝ помогна на земјата да ја постигне целта да додаде само електрични автомобили на патиштата до 2025 година.

Целосно електричните возила сочинувале 88,9 отсто од продажбата на нови автомобили во 2024 година, според податоците на Норвешката федерација за патишта (OFV).

„Потребно ни се само уште 10 проценти за да ја достигнеме целта за 2025 година“, се вели во соопштението на OFV.

Од 128.691 новорегистрирани автомобили минатата година, 114.400 биле електрични, што е најголем удел на кој и да е голем пазар на автомобили и раст од 82 отсто во 2023 година.

И покрај тоа што е голем производител на нафта и гас, Норвешка има цел сите нови продадени автомобили да имаат „нулта емисија“ почнувајќи од 2025 година, што е 10 години пред целта на Европската унија, чиј член не е Норвешка.

Во 2012 година, електричните автомобили сочинувале само 2,8 отсто од продажбата, но оттогаш нивната продажба експлодираше благодарение на различните стимулации. Тие добија ослободувања од повеќе даноци, што ги направи конкурентни во однос на високо оданочените автомобили со внатрешно согорување.

Електричните автомобили, исто така, беа ослободени од плаќање на патарината, имаа бесплатен паркинг на јавните паркинзи и можеа да ги користат лентите за јавен превоз.

Иако некои даночни олеснувања и стимулации беа постепено укинати со текот на годините, електричните автомобили станаа вообичаени.

Американскиот приозводител „Tesla“ е водечкиот со електрични автомобили во Норвешка со удел од 19 отсто од пазарот, а потоа следат „Volkswagen“, „Toyota“, „Volvo“ и „BMW“.