![Средба Узунчев-Рокас](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Sredba-Uzunchev-Rokas-scaled.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Капиталните инвестиции во нови производствени капацитети од обновливи извори и предизвиците на патот кон целосна трансформација на зелена енергија беа главни теми на денешната работна средба помеѓу генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и евроамбасадорот Михалис Рокас. На состанокот присуствуваа директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Стојановски, и Александру Албу, раководител на оператива 2 во Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Узунчев го запозна евроамбасадорот Рокас со плановите на АД ЕСМ за инвестирање во нови производствени капацитети од обновливи извори на енергија, како дел од стратегијата за енергетска транзиција на земјата. Разговарано е за предизвиците со кои се соочува Друштвото, вклучувајќи ги техничките, финансиските и регулаторните аспекти.
Истакната е поддршката на ЕУ, која, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), е стратешки партнер во реализацијата на клучни енергетски проекти.
„АД ЕСМ е активен корисник на грантови преку WBIF, кои претставуваат силна финансиска поддршка за нови производствени капацитети и одржување на постојната техничко-технолошка опрема. Користиме грант од речиси 9 милиони евра кој учествува во вкупната финансиска рамка за втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци, чија реализација ја најавивме пред неколку дена. Подадената рака на ЕУ на патот кон декарбонизација на производните процеси е од клучно значење за зголемување на производното портфолио на АД ЕСМ со нови електрани од обновливи извори. На тој начин ќе создадеме платформа за поголема конкурентност на извезените домашни производи поради адаптација со регулативата за јаглеродно гранично прилагодување и ќе ја намалиме увозната зависност на земјава од електрична енергија“, истакна Узунчев.
Евроамбасадорот Рокас ја истакна поддршката на Европската Унија за енергетската транзиција на Северна Македонија и изрази интерес за понатамошна соработка со АД ЕСМ во овој процес.
Констатирано е задоволство од досегашната соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје и подготвеност за дополнително продлабочување на партнерството во новиот инвестициски циклус на компанијата. Оваа средба е уште еден чекор напред во напорите на земјава да ја трансформира својата енергетска инфраструктура и во перспектива да стане зелена енергетска сила во регионот.