Во „новогодишната кошница“ вклучени над 90 производители и дистрибутери, листата е сѐ уште отворена

Во акцијата „новогодишна кошница“ што почна денеска, се вклучени над 90 производители и дистрибутери, а производите по пониски цени се достапни за граѓаните во 38 ланци на маркети. Акцијата до овој момент опфаќа повеќе од 960 производи и ќе трае до 15 јануари.

Министерството за економија апелира компаниите доследно да ја почитуваат „Новогодишната кошница“ која сами ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки, да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страницата www.dpi.gov.mk.

-Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови. Сите информации за акцијата, листата на производи и компаниите кои се дел од кошницата – производители, дистрибутери, маркети,…, се објавуваат на интернет страницата www.mojakosnica.mk. Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на [email protected]. наведува Министерството.

И премиерот Христијан Мицкоски попладнево преку својот фејсбук профил објави дека од денеска почнува акцијата со која, како што нагласува, директно им се помага на граѓаните.

-Од денеска почнува кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“ со која се намалуваат цените на над 800 прехранбени производи во пресрет на новогодишните празници. Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат цела низа производи како леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци и друго. Кампањата ќе трае до 15 јануари 2025 година. Вклучени се над 80 компании, а новогодишната потрошувачка кошничка би се проширила со над 1 000 производи. Вака директно помагаме за стандардот на граѓаните и заштита од ценовни шокови, наведува Мицкоски.

„Новогодишната кошница“ е направена на иницијатива на бизнис секторот, кој понуди производите да се продаваат по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти. Сите производи кои се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Државниот пазарен инспекторат соопшти дека се прават контроли во маркетите низ целата држава и притоа е констатирано дека цените на производите од „Новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто.