Во ОБ Кочани отворен Центар за ментално здравје во заедницата

Министерот за здравство, д-р Беким Сали, заедно со д-р Ане Јохансен, специјален претставник и раководител на канцеларијата на СЗО во Скопје присуствуваа на отворањето на новиот Центар за ментално здравје, во рамки на Општа болница Кочани, со цел зголемување на пристапот на граѓаните до услугите за ментално здравје во општината.
-Центарот ќе работи 24 часа на ден, седум дена неделно, за да им обезбеди на граѓаните постојана грижа и поддршка за менталното здравје, како и услуги за кризни ситуации. За таа цел, комплетно е реновиран и опремен објект во рамки на болницата, а инвестицијата изнесува 15 илјади евра. Центарот е екипиран со стручни лица, како што се двајца психијатри, психолог и три медицински сестри. Пациентите кои имаат потреба од здравствени услуги во центарот ќе бидат упатувани со закажување преку системот Мој Термин, изјави министерот Сали.

Центарот во Кочани е отворен во пресрет на Светскиот ден на ментално здравје, кој традиционално се одбележува на 10 октомври. Оваа година Светскиот ден на ментално здравје е посветен на темата „Да го направиме менталното здравје глобален приоритет за сите“. Со оваа тема се препознава потребата менталното здравје да биде ценето, унапредено и заштитено, бидејќи е неопходно за нашата добросостојба и е подеднакво важно како и физичкото здравје.

Иако во последниот период е постигнат значаен напредок во областа на менталното здравје во Северна Македонија, пандемијата со КОВИД-19 дополнително го оптовари здравствениот систем.

-Пандемијата со КОВИД-19 создаде глобална криза со менталното здравје, поттикна краткорочен и долгорочен стрес и го наруши менталното здравје на милиони луѓе низ светот, вклучително и во Северна Македонија. Потребата да се подобрат услугите за ментално здравје сега е навистина очигледна. Со основање на овие центри и со зајакнување на грижата за ментално здравје во центрите што веќе се формирани, имаме можност да оствариме значаен напредок кон подобро ментално здравје за населението во Северна Македонија, изјави д-р Јохансен.

Создавањето мрежи на меѓусебно поврзани услуги за ментално здравје е важен чекор што ќе им овозможи на сите пристап до потребната грижа за ментално здравје.

-За жал, стигмата и дискриминацијата и натаму се пречка за општествена инклузија и пристап до соодветни услуги за ментално здравје. Ги поттикнуваме сите да побараат помош доколку имаат потреба, изјави д-р Стојан Бајрактаров, национален соработник со СЗО во областа на менталното здравје и претседател на Комисијата за ментално здравје при Министерството за здравство.

Во Националната стратегија за унапредување на менталното здравје, предвидено е зајакнување на услугите за ментално здравје во заедницата и натамошно отварање на нови центри низ државата. Еден од приоритетите е децентрализација на грижата за ментално здравје. Во претстојниот период Министерството за здравство, со поддршка од агенциите на ОН, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА ќе се фокусира и на зајакнување на услугите за ментално здравје за деца и адолесценти.