Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кого САД го ставија на црната листа, го замрзнал членството во ДУИ, а од неговата матична партија вчера побараа институциите во државата веднаш да започнат со сеопфатна истрага за сите можни тврдења и информации што произлегуваат од одлуката на Стејт департментот. Вчера се огласи и Јавното обвинителство од каде информираа дека има шест активни предмети покренати против струшкиот градоначалник, посочувајќи дека сериозно ги земаат предвид сознанијата на Стејт департментот за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.
-Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, информираа од ЈО.
Портпаролот на ДУИ и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи вчера соопшти дека партијата ја прифатила одлуката на Мерко по средбата со лидерот на партијата Али Ахмети за замрзнување на неговото членство во Централното претседателство и Генералниот совет на партијата додека трае истрагата против него.
-ДУИ бара институциите во државата веднаш да започнат сеопфатна истрага за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за сите можни тврдења и информации што произлегуваат од одлуката на американскиот Стејт департментот за негово ставање на „црна листа“ на САД поради „значителна корупција“, изјави Османи.
Идниот статус на Мерко во партијата, како што посочи, ќе зависи од исходот на истрагата што ќе се води против него.
– ДУИ ги повикува сите државни институции, во соработка со меѓународната заедница, да започна истрага за сите политички партии, од претседателите, до најниските ешалони на одлучување, бидејќи само на тој начин ќе можеме да се бориме против корупцијата и злоупотреба на темата во партиските препукнувања, рече Османи.
Според премиерот Димитар Ковачевски, наводите на САД поради кои Мерко е ставен на црната листа се сериозни и за него е несфатливо како домашните истражни и правосудни органи толку време немале вакви информации што укажува на тоа дека му е потребен ремонт на нашиот правосуден и истражен систем.
Во изјава за медиумите дадена вчера Ковачевски рече дека доколку тој би се нашол на црната листа на САД не само што ќе поднел оставка, туку тоа и ќе го смета за најголем пораз во неговата лична и професионална кариера. Смета дека и советниците во Општина Струга ќе треба да размислат на кој начин понатаму ќе функционираат со оглед на тоа дека Мерко повеќе мандати бил градоначалник и соработувал со советници од повеќе партии.
– Сите советнички групи треба да седнат да се погледнат што ќе прават во иднина заедно со градоначалникот, на која начин планираат да функцонираат и како планираат да продолжат имајќи во предвид дека се избрани да ги штитат и да ги унапредуваат правата на граѓаните, рече Ковачевски.
Се надеваме, вели таа, дека ова праќа порака до оние кои ги злоупотребуваат функциите за кои се избрани од граѓаните, дека ќе одговараат и дека не се добредојдени во САД.
Таа во изјава за „Телма“ потенцира дека тековниот процес на назначување поединци под различни режими на санкции е внимателен, промислен, а понекогаш и долг процес и дека името на градоначалникот Мерко не е единственото што внимателно се разгледува во Вашингтон.
-Можам да ве уверам дека името на г-дин Мерко не е единственото што внимателно се разгледува во Вашингтон. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со оние кои бараат да се уништи ракот на корупцијата во Северна Македонија и да се изгради силно, просперитетно и динамично општество кое што секој граѓанин го заслужува, вели Агелер.
Ставањето на Мерко на црната листа на САД, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски е потврда на она што го чувствуваат граѓаните во земјава.
– Нам не ни треба некој друг да ни кажува дека има криминал во Република Македонија, тоа го чувствува секој еден граѓанин, кога ќе го прашате ќе ви кажат дека за жал Македонија е најкриминалната држава, држава во која владеат кланови. Гледате неколку фамилии во Македонија кои се дел од највисоките раководства на политичките партии од власт. Стекнуваат милионски имот, такви се примерите, кои последниве месеци ги гледаме и сведочиме за истите. Последниот случај со деловниот центар Соравија, претходно дуќани, хотели во центарот на Скопје, изјави Мицкоски.
Одлуката на САД да го стави Мерко на црната листа вчера ја поздрави и Здружението за надворешна и меѓународна политика „Совет на амбасадори“.
Според Советот на амбасадори, институциите на нашиот правосуден систем за борба против корупција и организираниот криминал треба веднаш да отворат соодветна истрага, притоа користејќи ги механизмите за меѓународна соработка и меѓународна правна помош, како во случајот на Рамиз Мерко, така и за останатите високи функционери за кои постои сомневање дека ги злоупотребиле функциите за лични цели.
Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека оваа одлука ја „реафирмира посветеноста на САД во борбата против корупцијата, којашто наштетува на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.
Во одлуката на Стејт департментот се посочува дека забраната за влез во САД се однесува и на сопругата и трите полнолетни деца на Мерко.
Американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар изрази надеж дека одлуката на Стејт департмент за ставање на струшкиот градоначалник на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата.
Оваа изјава Ескобар ја даде завчера за Програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“.
-Според законите, кога државниот секретар ќе дојде до таков заклучок, таквата определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска, изјави завчера Нефју.
Агелер веќе најави проширување на листата, но напомена дека со феноменот на корупција политичките лидери во земјава ќе треба да се справат сами. Поддшката на САД и натаму ќе ја имаат, но тоа е нивна домашна задача. Таа со порака и дека приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ, меѓудругото ќе и помогне на земјава подобро да се справи со домашните предизвици, а еден од нив е корупцијата.
-Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистински правец, дури и пред формално да влезете во ЕУ. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас. За да го преземете следниот чекор, кој ќе ја води вашата земја кон посветла иднина, мора да има политичка волја, рече Агелер вчера во во обраќањето на конференцијата „Односите на САД и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“.
Минатата година САД на својата „црна листа“ ги ставија и поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“. – Нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во нивните влади, беше наведено во тогашната одлука на САД.
Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во Америка.
Претходно на „црната листа“ на САД, беа ставени и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.