Граѓаните се загрижени и како погрешна ја оценуваат одлуката на Министерството за здравство, охридскиот центар за кардиоваскуларни заболувања, да прима пациенти болни од Ковид 19. Ќе се сместуваат во едно од болничките крила, кое до неодамна се користеше за рехабилитација на пациенти со проблеми на срцето и други кардиоваскуларни болести. Пациентите кои овде се лекуваат велат дека оваа одлука ќе влијае врз третманот што го добиваат.
„Многу пациенти сметам дека ќе останат без соодветна грижа, поради неможноста да бидат примени, ќе се намали капацитетот, не ќе може да ги примат сите“…
„Ние и така имаме проблеми и уште да се заболиме, тоа ќе биде многу тешко за нас“…
„Најверојатно дека е грешка, затоа што ќе се оневозможи, контрола на оние луѓе со срцеви заболувања и успешното лекување“, велат граѓаните.
Кардиологот, Никола Бакрачески, очекува да се намали бројот на пациенти со срцеви заболувања кои ќе се примаат во болницата.
„Ќе мора да имаме некое намалување на бројот на пациенти, кои ќе се прегледуваат или ќе им треба елективна процедура која ќе може да се одложи. Но, во делот каде ние имаме тешки пациенти, со животно загрозувачка патологија, тоа ништо нема да промени. Треба да пресметаме колку ќе чини од медицински аспект, намалувањето на бројот на капацитетите во делот за кардиоваскуларна патологија и обратно, колку би не чинело тоа што ќе отстапиме дел од капацитетите за пациенти со Ковид19“, вели Бакрачески.
„Досега ниту еден пациент не е вратен и не му е дадена соодветна грижа и третман. Продолжуваме со редовната работа на ургентните и елективните пациенти, но секако доколку има потреба на елективни пациенти ќе го прилагодиме според актуелната состојба“, изјави Елена Коваческа Башуроска-директор на Центар за кардиоваскуларни заболувања Охрид.
Проблем е и кадарот бидејќи во моментов вкупно шест вработени, пет медицински сестри и еден доктор се позитивни на Ковид 19. Во овој центар се лекуваат и по неколку илјади пациенти од Југозападниот дел на државата па и пошироко. Во моментов во охридската болница хоспитализирани се 94 пациенти заболени од КОВИД 19, од кои 20 се на кислородна поддршка, со што капацитетот на болницата е веќе пополнет. Во струшката болница, во функција за Ковид се става детското одделение.