Во октомври во Лондон ќе биде отворена изложба на којашто посетителите ќе можат да погледнат околу 250 предмети кои некогаш биле во сопственост на Мерлин Монро, како што се љубовни писма или сатенски наметки на покојната актерска икона.
Меѓу експонатите има и фотографии направени за време на нејзината средба со покојната кралица Елизабета Втора во октомври 1956 година во лондонскиот Empire Theatre.
Изложбата ќе биде поставена на Arches London Bridge, ново место за слични културни настани со тавани високи шест метри и површина од над 3.350 квадратни метри. Изложбата се отвора на 18-ти октомври.
Посетителите ќе можат да го видат и црниот фустан на актерката со реси од филмот „Некои тоа го сакаат жешкото“.
Лиз Коравос, директор на Arches London Bridge, рече дека е „огромна привилегија да се биде домаќин“ на изложбата насловена „Marilyn – The Exhibition“. Во истиот простор своевремено е поставена изложба посветена на поп-иконата Елвис Присли.
Таму ќе бидат изложени шминката и козметиката што ја користила Монро, како и облеката што ја прославила во филмовите и на нејзините фотографии.
Ќе биде интересно да се погледнат рачно напишаните белешки на актерката, цртежите од нејзиното детство, писмата, семејните фотографии, книгите, сценаријата и реквизитите од филмовите на актерката.
Колекционерот и куратор на изложбата за Мерлин Монро, Тед Стампфер, рече дека му е мило што некои „најфасцинантни артефакти од неговата лична колекција ќе бидат изложени првпат во Лондон“.
„Во 1962 година, по нејзината смрт, личните предмети на Мерилин беа складирани и зачувани, речиси како временска капсула, речиси цели четири децении. Затоа, прекрасно е што може да ги споделиме овие уникатни предмети што можат да ни дадат вистински увид во нејзиниот живот. дозволувајќи ни денес да се доближиме до вистинската Мерлин Монро и нејзиниот вистински идентитет“, рече Стампфер.
Монро почина во 1962 година на 36-годишна возраст. Нејзината смрт со предозирање, и денес се смета за контроверзна, како впрочем и самиот приватен живот на актерката.