Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска ја промовираше услугата „Итно копче“, наменета за лица над 65 години кои живеат сами, како и за други изнемоштени и болни лица на територијата на општината. Оваа услуга, која се спроведува во соработка со Црвениот крст на град Скопје, ќе им овозможи на корисниците да добијат итна помош со едноставно притискање на едно копче.
„Со воведувањето на „Итно копче“, ние како општина ја зајакнуваме грижата за најранливите категории граѓани. Секој оној кој има потреба од помош ќе може да ја добие 24/7, со поддршка од обучени тимови. Оваа услуга за корисниците од Општина Ѓорче Петров ќе биде целосно бесплатна, бидејќи сите финансиски средства за нејзината реализација ги обезбедуваме ние“, истакна градоначалникот Стојкоски.
Преку оваа услуга, корисниците ќе имаат можност:
Да добијат итна поддршка во секој момент кога им е потребна.
Да бидат во контакт со стручни оператори, кои ќе им дадат насоки за понатамошно постапување.
Да добијат прва медицинска или психолошка помош, како и транспорт до соодветна здравствена установа.
Да имаат бесплатно техничко одржување на аларм-уредот.
Сите жители на Општина Ѓорче Петров кои живеат сами и имаат здравствени проблеми можат да се пријават за услугата на телефонскиот број 076 212 329 или на email: [email protected].
Општина Ѓорче Петров продолжува со посветена работа во унапредување на социјалните услуги и грижата за своите сограѓани!