Во Јордан стравуваат дека најлошото допрва доаѓа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади изјави дека неговата земја стравува дека најлошото допрва доаѓа кога станува збор за војната меѓу Израел и Хамас, во периодот кога нема никакви навестувања за смирување на тензиите.

Јорданскиот министер предупреди дека војната меѓу Израел и палестинското радикално движење, како и неговото ширење, би можело да има катастрофални последици.

„Сите индиции говорат дека она најлошото допрва доаѓа. Оваа катастрофа ќе има болни последици во следните периоди“, рече Сафади на прес-конференцијата во четвртокот ноќта со германскaта колешка по должност Алена Бербок.

 

Сафади додаде дека дипломатските напори не продонесоа за запирање на сударот.

„Решението за завршување на војната не ја носиме ние, туку Израел, а ние мораме да ги вложиме сите напори да ѝ ставиме крај“, рече шефот на јорданското министерство за надворешни работи.

Во атмосферата на страв од ширењето на израелско-палестинскиот судир во регионот мина и состанокот меѓу јорданскиот крал Абдула и египетскиот претседател Абдел Гатах ал-Сиси.

Во изјавите по состанокот, двајцата челници порачаа дека не прифаќаат присилно раселување на Палестинците, ниту колективно казнување коешто Израел го врши над жителите на Појасот Газа со бомбардирање на цивилите како одмазда за крвавиот напад на Хамас од 7-ми октомври во јужен Израел.

Сафади истакна дека Јордан со „сите свои средства“ ќе му се спротистави на масовното раселување на Палестинците што би резултирало со големи промени на Блискиот исток.

„Нема да прифатиме такво решение. Тоа е црвената линија, а нејзиното минување би значело објавување војна“, предупреди шефот на јорданската дипломатија.

Најновиот изралеско-палестински судир ги разгори долгогодишните стравувања во Јордан, каде што речиси половина на населнието се палестински бегалци и потомци на протераните по создавањето на Државата Израел во 1948 година и по војната од 1967 година, дека Израел ќе ја искористи можноста да ги протера Палестинците и од втората палестинска енклава Западниот брег која граничи со Јордан.

„Нема да дозволиме Израел кризата која ја создаде да ја извози во Јордан“, истакна министерот Сафади.