Во овие 9 земји не е пријавен ниту еден случај на ковид-19

Пандемијата на коронавирусот трае веќе една година, меѓутоа, има девет земји кои официјално не пријавиле случаи на ковид-19.

Тоа се Северна Кореја, Туркменистан, Самоа, Кирибати, Сојузните држави на Микронезија, Тонга, Палау, Тувалу и Науру, објави веб-страницата koryogrop.com.

Најголемата од сите, Северна Кореја (25,7 милиони жители), објави дека има еден сомнителен случај на 26 јули, но подоцна со тест беше потврдено дека лицето е негативно. Во исто време, Северна Кореја беше првата земја што целосно ги затвори своите граници кога започна пандемијата на 21 јануари.

Туркменистан (шест милиони жители), централноазиска земја лоцирана помеѓу Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Иран и Авганистан, ја затвори границата пред еден и пол месец и не пријави случаи на заразени со ковид-19.

Самоа е пацифичка земја со 200.000 жители и воведе рестриктивни мерки на 25 март, а воздушниот сообраќај беше целосно прекинат.

Кирибати (120.000 жители) исто така не пријавиле случаи на заразени, а од 30 март училиштата беа затворени само две недели.

Сојузните држави Микронезија (115.000 жители) исто така ги забранија меѓународните летови и најпрво ги затворија летовите од Кина и доаѓањето на кинеските граѓани.

Тонга (105.000 жители) има строги мерки од февруари, откако на Фиџи имаше прв случај на вирусот, ги затвори своите граници за странците и им дозволи само да ја напуштат земјата.

Палау (18.000 жители), друга островска земја на Пацификот, не забележа ниту еден случај на коронавирус, иако имаше еден сомнителен случај на патник кој дошол од Гуам, но тој беше негативен на тестот.

Тувалу (12.000) се смета за една од најмалку посетените земји во светот, бидејќи има помалку од 200 туристи годишно – па затоа не е изненадувачки што тие немаат забележано никакви случаи на ковид-19.

Науру (11.000) е толку мала земја што можете да ја посетите за еден ден и без поголеми проблеми успеа да остане зона без ковид, а заедно со Тувалу има најмалку туристи годишно во светот, заклучува сајтот koryogroup.com.

МИА