![pakistan zainab](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/pakistan-zainab.jpg?resize=650%2C365&ssl=1)
Пакистанскиот суд го осуди во саботата серискиот убиец на смрт, поради силување и убиство на седумгодишно девојченце, соопшти обвинителството.
Грозоморното убиство на девојчето предизвика жестоки протести ширум Пакистан и остри критики за владата поради неделување, а благодарејќи на медиумската кампања убиецот беше уапсен по повеќе години минати на слобода.
Полицијата го пронајде телото на девојчето Зинаб Ансари во контејнер за смет во округот Касур во близина на Лахоре, на истокот од земјата кој средината на јануари, четири дена по пријавувањето дека исчезнало.
Жителите на округот тврдат дека тоа е 12-то такво злосторство во таа година. Полициските иследници по истрагата објавија дека ДНК од телата на осум девојченца, вклучително и на Заинаб, се совпаѓаат со ДНК на убиецот 24-годишниот Имран Али. Тогаш беше соопштено дека нему ќе му се суди дополнително за другите случаи.
Стотици жители протестираа кога беше пронајдено телото на Заинаб, а двајца загинаа кога полицијата во настојувањата да ги растури демонстрантите, истрела куршуми.
Полицијата го идентификуваше Али како еден од нејзините соседи, а снимките од надзорните камери на денот кога Зианаб е грабната покажуваат како таа мирно оди покрај маж.
Во истиот округ Касур од 2015 година се води посебна истрага за многу исчезнати деца, а станува збор за педофилски круг поврзан со истакнато семејство од таа област. Во рамките на оваа истрага, тврдат властите, две лица се обвинети за злоставување стотици деца во овој округ.
Во Пакистан на дневна основа се пријавуваат близу десет случаи на злоставување деца, според податоците на Сахил, организација за заштита на децата. Случајот на Заинаб покрена јавна дебата во Пакистан за тоа дали децата треба да бидат подучувани како да се чуваат од сексуално напаствување, што е табу тема во оваа доминантно муслиманска земја.