
Една од трите основачки на движењето Femen, Оксана Шачко, извршила самоубиство во француската престолнина Париз, потврди во вторникот друга активистка на здружението Ина Шевченко.
Низа медиуми, кои се повикуваат на пораката оставена на социјалните мрежи, објавија дека девојката си го одзела животот во понеделникот, во нејзиниот стан во Париз каде што живеела од 2013 година. Причините за самоубиството засега не се познати.
Подоцна се појави информацијата дека Шачко била видена на забава, но подоцна нејзините пријатели три дена не можеле да стапат во контакт со неа. Во нејзиниот париски дом била пронајдена проштална порака чијашто содржина не е објавена, пренесуваат француските медиуми.
Оксана Шачко стана позната уште на почетокот од појавата на движењето Femen во 2008 година во Украина. Неговите активистки се залагаат за правата на жените и слободата на говорот, а исто така, се спротиставуваат и на проституцијата и сексуалното вознемирување. Покрај тоа, тие изведуваат политички акции на разни светски настани во заштита на еднополовите бракови.
Лидер на движењето е Ана Гуцол, а во организацијата има околу 40 припаднички, главно студентки од украинските универзитети. Девојките од Femen многу често носат цветни венци, според украинската традиција.
Активистките на движењето, коешто во Франција е регистрирано во 2012 година, се познати по своите провокации со голи гради насекаде по светот, коешто се квалификува како „радикален егзибиционизам“.Понекогаш движењето Femen во медиумите се нарекува феминистичко, меѓутоа и неговите активистки и декларираните феминистичките движења го негираат тоа.