Претседателот Емануел Макрон во петок ќе назначи нов француски премиер, соопшти кабинетот на Макрон.
Само една седмица по падот на владата на десниот центар предводена од Мишел Барние, Макрон ќе се обиде да номинира обединувачка фигура за Французите, иако медиумските извештаи покажуваат дека нема јасен фаворит.
Политичките коментатори најчесто го спомнуваат политичарот од десниот центар 73-годишниот Франсоа Беиру, откако Макрон се консултирал со сите партии освен со крајната левица и десница за да се обиде да формира што поширока влада.
Доколку Беиру биде избран, останува да се види дали ќе успее да формира мнозинска влада способна да владее, а се очекува да се соочи со слична судбина како поранешниот преговарач на ЕУ за брегзитот, Барние.
Во медиумите се споменува и името на поранешниот социјалистички премиер Бернар Казнев, како и на поранешниот министер за одбрана Себастиен Лекорну и поранешната министерка за децентрализација Катрин Вотрен.
Минатата среда опозицијата го собори Барние по само три месеца на функцијата во спорот околу буџетските кратења.
Макрон е под притисок поради соборувањето на неговата влада откако распишувањето на предвремени избори оваа година имаше контраефект.
Опозициските партии бараат оставка на Макрон поради политичката и економската криза, додека буџетот за 2025 година сè уште не е усвоен од парламентот.