Во понеделник координација во Собранието за францускиот предлог и одржувањето на пленарната седница

Во понеделник би можело да се знае кога ќе биде дебатата за францускиот предлог во македонското Собрание. На редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европска Унија. Неизвесно е присуството на координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој побара Информацијата да и биде вратена на Владата бидејќи ги нема главните документи. Во однос на францускиот предлог вчера со став излегоа и Европската комисија и САД.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА вчера изјави дека за тоа кога ќе биде закажана седницата на чиј дневен ред би била Информацијата ќе се разговара на координацијата в понеделник на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

 -Во понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот, изјави Џафери.

Појасни дека за понеделник е закажана пленарната седница за ребалансот на Буџетот, која е согласно роковите и за која дебатата треба да трае најмногу пет дена, но доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата.

Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само Информација, а не и документите односно францускиот предлог, Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види.

Пратениците излегоа со различни ставови во врска со Информацијата и пленарната седница. Од СДСМ нагласуваат дека одговорноста е на законодавниот дом да донесе натамошни заклучоци, согласно собраниските процедури, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат од претседателот на Собранието да ја врати Информацијата во Владата бидејќи, како што велат, „не содржи ниту еден документ“.

Пратеникот Ненад Коциќ ги повика сите политички партии во Собранието да покажат одговорност, државност и со дијалог и конструктивност да придонесат во носењето на конечната одлука. Коциќ истакна дека СДСМ има заклучоци кои гарантираат доследно придржување кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара во кое било време и околности, односно не се дел од преговарачкиот процес. Тој побара пратениците да постапуваат целосно во согласност со стратешките определби на земјата за интеграција и полноправно членство во Европската Унија со исклучување на билатерални историски и образовни елементи во рамката.

Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера изјави дека со Собранието е пратен само еден лист хартија и ги нема важните документи, што, според него, е „класична девастација и девалвација на Собранието и класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“. Тој реагираше зашто во испратениот материјал ги нема Документот со заеднички став на ЕУ,  Предлог преговарачката рамка на ЕУ, односно Општиот став на ЕУ, Предлог-заклучучоците на Советот и Билатералниот протокол меѓу нашата земја и Бугарија, за кој, според него, министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска изјавиле дека е усогласен.

Пратеникот Павле Трајанов и лидер на Демократскиот сојуз, пак, смета дека Џафери не може да прифати Информација која не ги задоволува деловничките критериуми. Сугерира Информацијата да се обликува како што треба согласно Деловникот и во прилог да бидат трите документи – Предлог-заклучоците на Советот на Европа, воведната изјава на Советот на ЕУ и Преговарачката рамка.

– Мора сите да го видиме Протоколот кој е усогласен, можеби веќе одобрен од министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, бидејќи во тој Протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува Македонија. Нема потреба да се крие од јавноста, да се отвори расправа за него, зашто тоа е пакет на документи што во основа треба да ги спроведува Република Македонија, независно оваа или некоја следна влада, истакна Трајанов на прес-конференција.

Лидерот на Демократскиот сојуз рече дека неговата партија се залага за расправа во Собранието,  а претходно да се подготват заклучоци кои ќе бидат прифатливи за сите, посебно за ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера порача дека земјата мора да остане на европскиот пат со францускиот предлог. За телевизија 21, Пендаровски посочи дека првиот француски предлог не предвидувал отворање на преговорите и скрининг, додека модифицираниот предлог го има тоа и не се задира во идентитетот.

– Прецизно кажано велеше се одржува прва политичка или симболична конференција, но немаше збор дека се отвора, туку велеше кога ќе го отворите Уставот, тогаш ќе ги отворите преговорите. Сегашниот модификуван француски предлог вели – сега ги отворате преговорите, нема да продолжите или ќе продолжите откако ќе го промените Уставот, истакна Пендаровски.