Во поплавите на Филипини загинаа 25 луѓе, 26 се исчезнати

Најмалку 25 луѓе ги загубиле животите во поплавите, свлечиштата и другите несреќи предизвикани од обилните дождови во текот на божикните празници на Филипини, објави во средата националната агенција за справување со катастрофи.

Повеќе од 390.000 луѓе во 29 покраини се погодени од невремето, вклучително 81.443 жители кои се принудени да се сместат во центрите за евакуација, објави споменатата филипинска државна агенција.

Спасувачките екипи трагаат по 26 лица, повеќето од нив рибари, коишто се водат како исчезнати, се додава во соопштението.

Тринаесет загинати се од јужната покраина Мисамис Оксидентал, каде обилните дождови предизвикаа поројни поплави и лизгање на почвата. Повеќето други жртви се удавиле, а најмалку една жртва доживеала срцев удар, и тоа откако била спасена.

Операциите на потрага, спасување и помош се зајакнати со подобрувањето на временските прилики, изјави Рејмундо Феред, извршен директор на агенцијата за катастрофите.

„Ќе продолжиме да обезбедуваме храна, вода и други нешта за да им помогнеме на раселените семејства кои престојуваат во центрите за евакуација и во другите погоден области. Тоа нема да запре додека не се подобри ситуацијата и додека не можат да се вратат во своите домови“, изјави Ферер.

Метеоролошкиот завод на Филипини објави дека на погодените региони им се закануваат нови дождови. Веројатни се поплави и свлечишта предизвикани од дождот во областите кои се чувствителни на вакви опасности, се предупредува.