Пороите во северен Тајланд прeдизвикани од обилните дождови кои речиси непрестајно паѓаат, досега однесоа најмалку 27 човечки животи и погодија уште речиси милион луѓе од 5 јули, објавија во петокот тајландските власти.
Сите 27 смртно настрадани се удавиле во пороите, наведува тајландското министерство за превенција од природни стихии.
Дождовите и силните порои погодија десет тајландски покраини, главно во североисточниот дел од земјата, а процените на штетите се движат околу 300 милиони американски долари, соопшти министерството за внатрешни работи.
Големи штети се нанесени на повеќе од 2.300 квадратни километри оризови полиња. Тајланд, инаку е вториот во светот најголем извозник на ориз, по Индија. Сепак, засега не може да се процени за димензиите на штетите коишто ќе ги забележи вкупниот извоз, проценува тајландското здружение на извозниците на ориз.
Во Тајланд моментално трае сезоната на монсуните, вообичаено проследена со обилни дождови, коишто според прогнозите ќе ги има до крајот на седмицата. Според метеоролошката служба, поплавите се влошиле откако низ земјата мина тропска бура, која кон крајот на јуни тргна од областа на Јужното Кинеско Море.
Најмногу е погодена покраината Сакон Након, во североисточниот дел, 650 километри од тајландската престолнина Бангкок. Повеќе од сто училишта во покраината се затворени од минатата седмица. Меѓу поплавените области е и историскиот град Ајутаја, во централниот дел од земјата, популарен меѓу туристите поради многубројните стари будистички храмови.